Преспа доживува туристичка ренесанса
Свети крајбрежјето на населбите Дупени, Наколец, Стење, Претор, Маркова Нога, Сливница
РЕСЕН - Туристичка ренесанса годинава доживува Преспа. Главна причина за тоа е враќањето на водата во Преспанското Езеро и убаво уредениот крајбрежен појас. Буквално светат туристичките населби Дупени, Наколец, Стење, П��етор, Маркова Нога, Сливница. Плажите што три децении беа запуштени сега не можат да се препознаат, тие се чисти и уредени. Затоа само за викенди оваа сезона Преспа дочекуваше по 20.000 туристи, исто како во старите добри времиња. Во овој туристички регион и сега, во септември, се' уште има посетители.
За изменетата разгледница на Преспа е заслужна градежната механизација на АРМ, која од почетокот на летото ги расчистуваше трската, тревата, камењата и ѓубрето крај туристичките населби на источната и на западната страна на Преспанското Езеро. Акцијата ќе продолжи се' до крајот на ноември.
Уредувањето на крајбрежјето ја врати надежта на мештаните и на угостителите дека, конечно, ќе се вратат и туристите во Преспа и оти ќе се отвори нова страница во туристичкиот развој на овој регион. Преспани велат дека ќе имаше двојно повеќе гости ако не беше блокиран автопатот Битола - Ресен.
„Преспа оваа година широко ги отвори вратите за посетители. Многу сме задоволни од акцијата на армијата. Но, ќе беше уште подобро ако Владата можеше да направи нешто и за новиот пат на Ѓавато. Да ја санираа свлечиштето пред почетокот на туристичката сезона. Тогаш сигурно фреквенцијата на гости и на викендаши во Преспа ќе беше значително поголема. Веруваме дека луѓето не доаѓаа во Преспа токму од помислата дека ќе треба да патуваат по стариот пат полн со дупки и свијоци. Вака излегува дека министерот за одбрана, Коњановски, запна за Преспа, ама оној за транспорт и врски, Јанакиески запре“, вели Стојче Стефановски, жител на Асамати.
Годинава Преспанското Езеро беше главна дестинација и за нашите иселеници што традиционално за илинденските собири во Љубојно и во Брајчино ја посетуваат Преспа.
„Кога последен пат дојдов во Претор бев мало девојче. Како се запушташе крајбрежјето, така го заобиколувавме Преспанското Езеро и одевме во Охрид. Но, годинава сум изненадена. Тука е многу убаво. Се' е средено. Штета што се чекаше толку долго за да се направи нешто за овој македонски бисер. Ваква убавина и ваква клима нема во Австралија“, вели Блага Димовска, иселеник во Австралија, која престојот во татковината реши да го мине во туристичката населба Претор.
Сопствениците на објекти и концесионерите на плажите по должината на Преспанското Езеро велат дека ќе ја запаметат оваа сезона. Исчистените плажи ги вратија туристите, особено за викендите кога Преспа беше најмногу посетена од домашни гости, но и од странски.
„Овде сум од 1978 година. Прв пат се случува акција за чистење на Преспа. Ние како угостители и концесионери сме чистеле, ама само парцијално, она што е пред нас. Сега веќе имаме друга слика за Преспа. Овој благодат не е само за нас, туку за целиот регион. Туристичката сезона ја оценуваме како најдобра во последните години“, вели преспански угостител.
Откако армиски сили помогнаа во средувањето на преспанските плажи, сега локалната самоуправа е најповикана за одржување на чистотата во наредните сезони. Градоначалникот на Ресен, Михаило Волкановски, е оптимист дека во наредните години ќе има поголемо движење на туристите во Преспа.
„За наредната сезона планираме издавање на плажите под концесија. Исто така, ќе реализираме проект за урбанизација на просторот над плажите, со цел луѓето да инвестираат во Преспа. Ние ќе се обидеме да го поправиме она што досега е пропуштено од претходната локална власт“, рече Волкановски.
Се чувствува големо раздвижување во Преспа, и не само во крајбрежјето. Во завршна фаза е и патниот правец Макази - Маркова Нога, а напредува и изградбата на колекторскиот систем во населените места по должината на езерото.
„Владата интервенира во одредени делови од државата каде што долго време не се вложувало. Така е и со Преспа, а резултатите се видливи“, изјави министерот за одбрана, Зоран Коњановски. (А.Б.) |