Конечно, почна настава во Дреновец
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Конечно почна настава во новото основно училиште „Братство Миѓени“ во тетовската населба Дреновец. Вчера изутрина се огласи првото ѕвонче, а учениците од вишите одделенија се најдоа во матичнотo училиште. Вчера попладне во истите клупи во втора смена часови следеа и учениците од нижи��е одделенија.
Со ова се чини е ставен крај на неизвесноста кога ќе има настава во новоизграденото училиште кое официјално беше предадено во употреба точно пред една година. Настава не се изведуваше поради неопремени училници и кабинети, како и затоа што не беше примен нов кадар. Двете прашања и сега се половично решени. Опремени се 12 училници од вкупно 25, а наставници се прераспоредени од Централното училиште „Братство Миѓени“. Административни работници не се примени, а од технички персонал се вработени двајца кои се грижат за хигиената.
„Почнуваме со половина капацитет. Според нашиот распоред, овде ќе следат настава 540 основци кои досега патуваа во три училишта – ’Гоце Делев‘ и ’Лирија‘ во Тетово и ’Скендер-бег‘ во Порој. Наместо во една, работиме во две смени. Добивме согласност од Министерството за образование да почнеме со настава. Се надевам дека Министерството за образование и локалната самоуправа ќе најдат решение и за проблемот со техничкиот персонал. Училиштето нормално ќе профункционира до крајот на годината“, вели оптимистички директорот на ЦОУ „Братство Миѓени“, А��иф Цека.
Претседателот на МЗ „Дреновец“, Барај Кучи, е задоволен што успеале, конечно, да ги отворат вратите на новиот објект. „Децата повеќе нема да патуваат по пет и повеќе километри како што беше до неодамна“, коментира Кучи.
Во првата недела од новата учебна година стотина ученици и нивните родители, наместо на настава, доаѓаа во дворот на училиштето и протестираа. |