Штипскиот градоначалник обвинет за непотизам
СДСМ презентира список на роднини што добиле места благодарение на Зоран Алексов
Иван Бојаџиски
ШТИП - Социјалдемократите од Штип го обвинија градоначалникот Зоран Алексов за непотизам. Чашата се прелеала пред една недела, кога балдската на штипскиот градоначалник, Лидија Симоновс��а, била именувана за в.д. директор на Основното училиште „Ванчо Прќе“. Со тоа кадровско решение, според СДСМ, градоначалникот Алексов ја заокружил фазата на вработување на сите свои роднини.
„Цврсто решил да го смести целото свое семејство на удобни и добро платени работни места. Зоран Алексов ја именува Лидија Симоновска, негова балдска за в.д. директор на ОУ ‘Ванчо Прќе‘ откако претходно се погрижи за сите свои роднини“, изјави Новит Здравев, претседател на ОО на СДСМ во Штип. Притоа, Здравев прочита цела листа на роднини кои ги вработил градоначалникот, почнувајќи од сопругата Татјана Симоновска – Алексова, која е државен просветен инспектор. Од опозициската СДСМ обвинија дека Тоше Симоновски, син на балдската Лидија, а внук на Зоран Алексов е вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“, Гордана Симоновска, братучетка на сопругата на градоначалникот работи во градинка, Тони Ристовски, братучед на градоначалникот е вработен во Фондот за здравство, Олга Мицова, исто така, негова братучетка за директор на регионалниот централен регистар, а Моне, баџанакот на Зоран Алексов, е на Универзите��от во Штип.
„Да не се работеше за непотизам, можевме и да ја изразиме својата благодарност на Алексов кој е од ВМРО-ДПМНЕ, а вработува кадри на СДСМ. Најголем дел од посочените лица, заедно со неговата сопруга и неговата балдска, се со членски книшки на нашата партија и тие досега не зеле исписница“, потенцира Новит Здравев.
Револтирана од последните случувања во образованието во Штип, обележени со чистка на долгогодишни наставници само затоа што биле членови на СДСМ, прес-конференција одржа Марија Костова, наставничка во „Ванчо Прќе“.
„Јас сум член на Извршниот одбор на СДСМ. И само поради тоа трпам тортура од Лидија Симоновска, новата в.д. директорка. Притисоците се присутни од почетокот на минатата учебна година, со укажување дека ќе се збогувам со работното место само затоа што сум член на највисокиот орган на СДСМ. На почетокот од месецов заканите почнаа да се остваруваат“, се пожали Костова. Таа вели дека има решение за работа, но не добива задачи. „Секој ден доаѓам на работа, седам во наставничката канцеларија, а не добивам работа. Лани ми беа доделени 12 часа во ‘Ванчо Прќе‘ и уште осум во средното медицинско училиште. Но, оваа учебна година се направи дистрибуција на часовите по математика, а ми останаа само шест часа за кои е ангажирано лице со договор за дело. Со поставувањето на Симоновска на раководната функција се ослободија уште 26 часа. И наместо часовите да ги добијам јас, Симоновска ангажира лице со договор. Се прави се' за да останам без работа. Ако тоа не е мобинг, не знам што може друго да биде“, истакна наставничката Марија Костова.
Обвинувањата од СДСМ за непотизам и за партиски чистки во образованието градоначалникот на Штип ги толкува како смешен обид да се изместат тезите затоа што опозицијата ништо добро не сработила за градот.
„Лидија Симоновска е само в.д. директорка, а дали ќе остане директорка ќе се види по конкурсот. Мојата сопруга е со 15-годишен професорски стаж, за сегашното место конкурираше пред две години и се избори да го добие со најголем број можни поени. За другите лица за кои ме обвинуваат социјалдемократите можам да кажам дека на тие места се повеќе години, а не од моето време. Мојата братучетка Олга Мицова јас ја сменив од директор на Регионалниот централен регистар и ја симнав едно место подолу. Очигледно е дека на СДСМ му недостигаат идеи од интерес за градот, па затоа измислуваат афери таму каде што ги нема“, возврати Алексов. Тој тврди дека е запознаен и со случајот на професорката Костова, која, според него, сама барала да биде префрлена во друго училиште со полн фонд на часови, при што не изгубила ниту работно место ниту од платата. |