Ивица Тодориќ
Човекот што ја создаде најмоќната империја во регионот
Најголемиот и најмоќен концерн во Хрватска и во целиот регион влезе и во Македонија
Александрија Стевковска
По долги одложувања, перипетии и дилеми дали „Агрокор“ се повлекува или не од Македонија, стигна најава дека, сепак, до крајот на месецов ќе почне изградбата на агроберза во Струмица, проект и инвестиција на овој хрватски гигант. „Агрокор“ сега ќе ја почне изградбата на агроберза, а треба да ја заврши кон средината на идната година, кога се очекува овој капацитет целосно да профункционира, во екот на откупната сезона на овошје и зеленчук. „Агрокор“, конечно, станува дел од македонското секојдневје, а Македонија станува член на големото семејство на „Агрокор“.
А која е „Агрокор“, компанија што треба да им го отвори патот на најголемиот дел од нашите земјоделски култури и кој стои зад нејзината успешна приказна? Кој друг ако не семејството Тодориќ, кое е едно од највлијателните, не само во Хрватска, туку и во целиот регион.
Инаку, Тодориќ е старо семејство од хрватскиот југ. Нивното потекло не се знае со сигурност, но се спомнува во документи од 16 и 17 век. Втемелувач на денеска најпознатата и највлијателна хрватска династија е Иван Тодориќ Ивиќ, кој во време на Кралството Југославија пет години бил селски главешина на Змијавец. На времето тој бил богат, одгледувал тутун и винова лоза, а се занимавал и со сточарство. Во меѓувреме, се оженил со Мара Пуљич, од тогашно богато семејство. Им се изродиле осум деца, пет сина и три ќерки. Најстарите синови Иван и Анте студирале агрономија во Загреб. Иван докторирал, по што станал декан на Земјоделскиот факултет. Анте Тодориќ, пак, се оженил со Мира Поштек, со која ги добил децата Јадранка и Ивица. Со оглед на тоа дека го интересирало производството, полн полет и знаење со политичка подобност, Анте Тодориќ во 1955 година е поставен за директор за земјоделски добра во Божњаковина, блиску со Долго Село. Таму директорувал шест години, при што успеал да го покаже целиот свој стопанственички талент, поради што брзо напредувал во хиерархијата на социјалистичкото општество. Сепак, за неговата кариера и животна судбина е најважно што во 1963 година е именуван за директор на „Агрокомбинат“. Од тоа претпријатие во социјалистички услови создал најмоќна југословенска компанија за производство и извоз на стока, месо, јајца. Модерното претпријатие „Агрокомбинат“ почнало нагло да се шири, но крахот на Хрватската пролет влијаел и врз судбината на Анте Тодориќ.
Откако пројугословенски ориентираните комунисти на чело со Тито почнале да се пресметуваат со хрватските политички лидери, почнале прогоните. Во монтираните политички процеси страдал и Анте Тодориќ. Обвинет е за антиреволуционерно дејство и дека како директор на „Агрокомбинат“ за Матицата на Хрватска извлекувал пари од кои, наводно, требало да се набави оружје. Осуден е на долгогодишен затвор, но одлежал само четири години. Пуштен е на слобода во почетокот на 1976 година.
По излегувањето од затвор, Анте, заедно со синот Ивица и баба му Злата, започнал со стакленичко производство на цвеќиња. Биле искористени старите врски, па Ивица продавал цвеќе низ цела Југославија, но и надвор од неа. Тоа бил почеток на новата, но приватна бизнис-империја Тодориќ. Освен одгледување цвеќе, работата се проширила и на увоз и извоз на жита, овошје и зеленчук. Во време на либерализација на работењето во 1989 година, кога социјализмот замирал, Ивица Тодориќ го регистрирал „Агрокор“ како акционерска компанија, чиј 100 отстотен сопственик бил токму тој. Компанијата почнала да се шири со невидена брзина. Денеска „Агрокор“ е водечка компанија во регионот, концерн кој во својот состав има мноштво фирми за дистрибуција, трговија и производство на се' и сешто, од фарма за говеда и синџир на малопродажба, до полнилница за вода и лозови насади.
Ивица Тодориќ има три деца со Весна Башиќ, ќерката Ива и синовите Анте и Иван. Децата денеска им се на водечки позиции во семејната фирма.
Тајната на успехот на Тодориќ е во тоа што од минатиот век досега се приспособувале на трендовите во стопанството, но и на властите. Сепак, тие одамна политички не се определуваат. Нивната компанија „Агрокор“ толку е силна што политичарите сакаат да бидат блиски со семејството Тодориќ, а не обратно. |