Папандреу: Продолжуваме со болни мерки
Атина - Грчкиот премиер Јоргос Папандреу изјави дека неговата влада ќе продолжи со „болни мерки“ да ги решава големите проблеми во земјата, која е зафатена од најголемата економска криза во последните неколку децении. „Тревогата уште не е помината. Имаме патриотска обврска да ја водиме земјата напред. Со болни мерки правиме колективен напор, без разлика на политичката цена, да ја смениме Грција“, изјави Папандреу пред пратениците на владејачкиот ПАСОК, укажувајќи дека по веќе усвоените прописи годинава, „2011 година ќе биде критичен втор дел од натпреварот“. Тој ја обвини претходната влада на Нова демократија дека дефицитот го зголемила до 15 отсто од БДП, потсетувајќи и на криминалните акции на претходниот владин кабинет.
Во меѓувреме, ММФ и' препорача на Грција да преземе дополнителни буџетски мерки во периодот меѓу 2011 и 2013 година. Тоа се наведува во извештајот на Фондот за состојбата на светските економии. Во документот се повикува владата во Атина да продолжи со напорите и да преземе дополнителни мерки, и покрај фактот што грчката економија ќе биде во рецесија речиси до 2012 година. (Ек.Р.) |