Ана Виленица
Имам план да престанам да планирам
Ана Виленица, Ева од „Долина на сонцето“, е актерка што си ги полни моментално батериите, наслушнувајќи го животот
Валентина Тодоровска
Холивудските правила велат дека најопасна комбинација ја имаат „непораснати девојчиња“, оние жени што изгледаат и кршливо и челично. Ана Виленица, 32-годишна актерка од Хрватска, е токму од таа сорта.
Родена е во Риека, студирала глума во Сараево, а магистратура во Лондон. Постојано гладна за патувањата, ама и за муабетите што одвреме-навреме и значат како „ветер во грб“, во ова интервју Ана зборува за моменталните преокупации, љубовта и секако своите актерски ангажмани.
Улогата на Лоте во „Раткаеви“ се чини Ви ги отвори вратите не само во Хрватска - станавте препознатливи и надвор од границите. Колку Ви се смени животот? Читав дека живеете на релација Загреб - Лондон. Дали тоа е се' уште актуелно?
Животот не ми се смени многу поради улогата на Лоте. Повеќе се променив поради тоа што во последните три години, главно, сум во Загреб каде што живеам прв пат. Исто така, многу сум фокусирана на работата, а помалку на патувањата, па и во таа смисла мојот животен ритам е поинаков од оној што го имав во Лондон или, пак, во Сараево каде што студирав. Веќе долго време не сум во Англија иако не е исклучено враќањето или, пак, заминување на некое друго место. Сакам да патувам и да откривам нови земји. Инаку, во Лондон првпат бев уште во 1998 година и бидејќи тоа е прв голем град во кој што отидов од родната Риека, сосема ме воодушеви. И сега кога сум во Загреб, многу ми недостасува мултикултуралноста на тој град, брзината на животот, содржината, креативноста на младите луѓе и желба нешто да се создаде, смени, да се остави свој белег...
Има ли сличности помеѓу Вас и Ева од „Долина на сонцето“?
Колку Ви е драга и дали спаѓате во таков тип жена што верува во себе?
Да, верувам, но притоа човек треба да се отвори кон луѓето, кон новите искуства и да не биде себичен во односите. Што се однесува до ликот на Ева, таа ми е слична во некои животни избори и храброста се' да започне од почеток. Не сум сигурна колку ми е драга. Многу од нејзините постапки ме збунуваат особено од нејзиниот приватен живот, ама не и во односите со луѓето. Мислам дека Ева пречесто себеси се става во прв план. Од друга страна, пак, ми е разбирливо, со оглед на нејзината биографија.
Колку е напорно снимањето серија? Како се работи и колку вие, актерите, меѓусебно другарувате?
Па, нема да лажам зборувајќи дека не е напорно. Првите неколку месеци се полни со елан и желба да се направи нешто супер, нешто подобро и поинакво. Меѓутоа, многу брзо снимањето сапуници преминува во една рутина, се снима по цел ден и тоа не секогаш според хронологија на случките, па затоа и паѓа концентрацијата, а со тоа и креативноста. По речиси седум месеци секојдневно снимање, при што си осуден секогаш и повторно на истите луѓе, прилично се отапува и, еве, сега кога се' е готово, се чувствувам мошне празно и асоцијално. Ми треба малку одмор за да соберам сила за нови предизвици.
„Ѕвездите пеат“ откриј дека сте многу музикални и дека имате прекрасен глас. Колку Ви е интересен овој ангажман?
Многу. Уште од малечка сакав многу да пеам, ама некаде попатно престанав со тоа. Ова го сфатив како можност повторно да уживам во пеење, а преку Жак, кој е многу добар ментор, и да научам нешто ново. Исто така, ова е прилика да се ослободам од стравот при јавен настап. Кога пеам соло секогаш имам трема па дури и ако се работи за глупави караоке. Се надевам дека со овој настап ќе се ослободам од тоа. Од друга страна, би сакала овој ангажман да се случеше малку подоцна, да имам време да се одморам помеѓу двата проекта, зашто мислам дека ќе дадев повеќе.
Што има Загреб, а немаат другите градови?
Моментално во Загреб ми се дава можност да го работам она што го сакам, а притоа од таа работа да можам и сосема пристојно да живеам.
Изгледате романтично. Дали изгледот има врска со Вашата вистинска природа и за што мечтаете со отворени очи?
Ха, ха, ха. Јас сум некој чуден сој на фантазерка и авантуристка, а од друга страна сум многу практична и подвижна. Мечтаам за патувањата за успешноста во работата и мечтаам, се разбира, за љубовта.
Што мислите колку за сигурноста на жената е важна емотивна врска? Што значи љубов? И, каков маж би Ви го окупирал срцето, мислите и приказните за иднината?
Па, јас научив да живеам и да работам сама. Навистина многу работи можам да направам сама така што својата сигурност не ја реализирам преку емотивна врска. Меѓутоа, во идеална слика на мојот живот би било убаво да постои некој со кој тоа би можела да го делам. Љубовта за мене е потреба да делиш се' што имаш, разбирање и поддршка, желба да направиш се' за личноста која ја сакаш, но без оној зависен елемент или задушување на индивидуалноста. Секогаш ме привлекуваат духовити и креативни мажи, сакам и авантуристи и луѓе што сакаат да откриваат ново, но многу ми е важно да се стабилни и да постои заемна доверба.
Имате ли некакви ритуали за моменти кога се чувствувате лошо: книги, пријатели, прошетки...
Многу зборувам. Им се јавувам на најблиските пријатели и со секого разговарам, надевајќи се дека ќе го слушнам советот кој би ми помогнал. Сакам да пешачам кога ми е тешко, сакам да и' се вратам на природата или, едноставно, да пешачам без цел.
Не' познавате ли нас, од југот? Дали сте биле во Македонија, планирате ли..?
Да, бев, и ми беше многу, многу убаво. Во Македонија бев уште како студент во Скопје на фестивалот „Скомрахи“. Дојдовме од Сараевската академија со претставата „Мерлин Монро“ и - сите луѓе што ги запознав почнувајќи од таксистот што ме префрли од аеродромот, па до студентите на актерство - сите тие имаа по нешто многу благородно и топло во себе. Се сеќавам дека сите преубаво пееја и имаа чувство за ритам. Јадењето беше исто многу добро, така што Скопје и Македонија ми останаа во убаво сеќавање и сигурна сум дека повторно ќе дојдам. Додека студирав гледав некои македонски претстави како што се „М.М.Е“ и „Декамерон“ и навистина бев одушевена.
Правите ли планови и на што тие се однесуваат?
Искрено кажано, се' помалку планирам. Ако се решам на таков чекор тогаш плановите се однесуваат на егзистенцијални работи, како што е, на пример, купување стан или, пак, некои големи акции што ги планирам, како што се подолгите патувања. Јас сум тип човек кој постојано нешто планира и тоа гласно и себеси толку си се оптоварив со тие планови што одвреме-навреме имам чувство дека заборавив да живеам. Сега имам план - да немам план и да видам што може да ми донесе животот... |