ЕДИТОРИЈАЛ
Оптимизам за една употреба
Слободанка Јовановска
Малку и' требаше на јавноста во Македонија да падне во нова еуфорија околу јунскиот самит на Европската унија на кој, ако буквално се читаат зборовите на шпанскиот шеф на дипломатијата, Анхел Мигуел Моратинос, ќе има добра вест за нашата држава. Одеднаш се отворија повторно дебатите за некакви можни дискретни преговори, за некакви можни формули (БЈРМ, условни преговори...), за некаков суштински предлог на Метју Нимиц во март, па во април, па во мај, или воопшто за некакви фантастични пробиви што ќе се случат за четириесетина денови, до новата одлука на Брисел околу препораката за преговори.
Ваков филм веќе сме гледале пред самитот на НАТО пред две години, гледавме и пред самитот на ЕУ во декември, а сега го гледаме повторно, иако и од авион се гледа дека меѓу Македонија и Грција во моментов нема суштински преговори и оти двете страни се закопани во своите позиции, па се тактизира и околу дозволата за прелетување на премиерот.
Ако внимателно се читаа зборовите на Моратинос лесно ќе се препознаеше дека добрата вест што ни ја најави беше лошата вест од самитот на НАТО, односно дека ќе добиеме датум, ама ако го решиме спорот за името со Грција во наредните триесет денови. Добрата вест на Моратинос беше иста што и моментумот на Оли Рен, кој никогаш не се оствари, како и прозорецот на можности на Карл Билд, кој отиде во заборав заедно со неговото претседателствување.
Добрата вест на Моратинос, всушност, не беше подобра од добрата вест на Јоргос Шацимаркакис, кој среде Скопје рече дека сме дале предлог за решение и оти тоа е на дофат, откако неколку месеци претходно буквално изјави дека спорот е решен, дека името се знае и треба само да се договорат деталите.
По толку оптимизам и добри вести не е ни чудно што не разликуваме лоша вест, односно што не правиме разлика од тоа кога Брисел сака да не' охрабри, кога сака да не' притисне, кога сака да ја мотивира јавноста да ја притисне Владата и кога навистина има што да соопшти.
Она што јасно го кажа Моратинос во Скопје пред пратениците е дека Шпанија ќе направи се' за да добиеме датум за време на нејзиното претседателство, но тоа ќе се случи ако се најде решение за името. Дека Македонија и Грција се тие што треба да го решат проблемот, а негова улога е да охрабри, да создаде ��тмосфера и да им даде финален поттик на преговорите.
Со неколку зборови, едното е фактографија, а другото е прашање на политички стил, а по неговата посета фактите не се сменија, туку само условот за преговорите Моратинос ни го испорача со панделка. Мора да се признае дека Моратинос излезе поголем дипломат од Билд, Рен и Стефан Филе, бидејќи целта очигледно ја постигна, односно ги зголеми до недоглед очекувањата, а со тоа и притисокот врз Владата, која ќе се најде во ситуацијата уште еднаш тешко да ја разочара јавноста.
„Песимизмот е болест и го избегнувам. Сега сум поголем оптимист отколку порано“, изјави шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд на неговата последна прес-конференција како претседавач со ЕУ, откако сфати дека не успеа да го реши спорот меѓу Македонија и Грција.
Неговата изјава е најдобро толкување на настапот на Моратинос во Македонија, кој тврди дека Мадрид ги ангажирал сите капацитети околу спорот меѓу Македонија и Грција, а никој не го гледа тоа. Ќе биде голема среќа ако се покаже дека оптимизмот на Моратинос ќе не' доведе навистина до преговори со Европската унија, но ќе биде голема илузија ако некој поверува дека само со оптимизмот на Брисел ќе се тргне проблемот што го има Македонија.
Претседавачот во Брисел по дефиниција е оптимист, бидејќи во ЕУ важи паролата дека политичар што не верува во позитивен исход веднаш треба да си оди, зашто нема што да понуди. |