Ивица Маринковиќ
Ивце Пивце е поуспешен од Ивица Маринковиќ
„Никогаш не глумам. Или сум тука и таков или ме нема“, вели популарниот водител на детската емисија „Ај ти замижи“
БоJан Шашевски
Ивица Маринковиќ, алијас Ивце Пивце, секојдневно го гледаме во друштво на децата во популарната емисија „Ај ти замижи“ што се емитува во секој работен ден на ТВ Сител. Со својот искрен и духовит израз Ивце Пивце е подеднакво интересен и за децата и за возрасните.
Кога и како започна приказната со Ивце Пивце?
„Приказната со Ивце Пивце почна есента 1993 година во тогаш најпопуларното скопско Мега Радио. Пред тоа, веќе имав искуство во Радио Уно како водител на утринска и на вечерна емисија, а есента добив понуда за трансфер во Мега Радио, и тоа за детска емисија, секоја недела од 10 до 12 часот. Името на емисијата беше игра на зборови: „Киндер мега на Мега Радио“. И навистина, работата излезе на големо: го направивме првото и најголемо диско за деца во дискотеката „Хард рок“. Секоја недела, наредните 4 години по емисијата, од 12 до 14 часот доаѓаа илјадници родители и деца за да се забавуваат. Емисијата постоеше уште неколку години, а потоа и радиото престана да постои, а со тоа и емисијата. Од крајот на 2003 година, па во наредните пет години ја водев тогаш единствената детска емисија „Карамел на Равел“ на Радио Равел.
Во меѓувреме, се случуваа и првите детски забави во Гостивар и во Кичево, три години бев уредник и писател во детското списание „Карамел лајф“, водител на „Златно славејче 2004“... Од септември 2007година започнав со детската ТВ-емисија „Ај ти замижи“.
Карактеристично за емисијата е твојата искрена интеракција со децата. Што е она што те држи пред камерите?
„Генерално, уживам да комуницирам и да се дружам. Но, тоа го правам исклучиво со искрени луѓе, без разлика на возраста. Со останатите контактирам само кога морам. Значи, тука не станува збор за љубов, туку за потреба од припаѓање на таква средина. Само во таква средина сум релаксиран и расположен. Јас не глумам: или сум тука и таков или ме нема. Не седам сосила и не фолирам. Еден интересен пример е реновирањето на станот минатиот викенд. Со мајсторите се отепавме од шегување (и работење), а на крај, едниот од нив вика: „Па ти си бил истиот како на телевизи��а!“ Па каков да бидам? Зарем ви личам на толку интелигентен и префриган за да можам да глумам 500 емисии нешто што не сум?!“
Според тебе, колку емисиите за деца кај нас се едукативни и каде Ивце Пивце ја гледа својата конкуренција?
„Според мене, да, едукативни се. Пример е „Ај ти замижи“, која на забавен и неконвенционален начин те тера да научиш нешто. Емисијата се емитува секој ден и на еден забавен начин може да се научи за нешто. Друго прашање е дали образовна емисија подразбира еден возрасен и 10-20 деца. Возрасниот, по правило, е попаметен и ги „образува“...а на овие, „необразованиве“, им бегаат погледите наоколу и сфаќаат дека насекаде околу нив има рефлектори и камери и ... одвај чекаат да „ѕвони“.
Под твоја закрила функционира и детскиот центар „Котиледонија“, како и истоимениот летен камп што се организира секое лето...
„Котиледон продукција“ го организира Детскиот центар „Котиледонија“. Сега сме во подготовка на Летниот екокамп „Котиледонија 2010“, кој оваа година ќе се одржи на Пониква од 20 до 26 јуни. Инаку, „Котиледон продукција“ организира и наградна игра каде што главната награда е летување во кампот, а утешна е учество „преку ред“ во „Ај ти замижи“, со оглед на тоа дека емисиите се резервирани до јули. Досега имаме снимено и музички спот за етногрупата „Тоска“, документарец за Ромите од Македонија „Живот испеан“, за кој неодамна добивме и меѓународна Гран при награда, дониравме и постелнина за Клиниката за детски болести во Скопје. Истовремено „Котиледон продукција“ издава и сопствени ДВД со по 10 емисии, учествуваме на разни саеми, хуманитарни настани и други активности од јавен интерес“.
Ајде малку приватно. Кој е, всушност, Ивица Маринковиќ и како најлежерно би се опишал?
„Морам да кажам дека Ивица Маринковиќ е помалку успешен од Ивце Пивце.
Еве, да речеме, како мал Ивица правеше се' освен учење, како средношколец правеше драмски претстави, наместо домашни задачи, го утна факултетот, па наместо „Незнам ми ти што“, дипломираше Земјоделски - па што? Потоа работеше се' и сешто, а најмногу рецепционер во „Александар Палас“, се' до моментот кога за малку не му пукна - и си отиде“.
Имаш ли време за себе и за сопствените задоволства, односно што те инспирира и те прави среќен?
Најголемо задоволство ми е утринското ладно нескафе. Не се откажувам од него, по цена и цевка да нема, ха, ха, ха! Што ме прави среќен? Моето потесно семејство: ќерката и сопругата. Сите сме духовити и своеглави на свој начин, што значи во старт има материјал за драма“.
За крај, какви се плановите врзани за емисијата „Ај ти замижи“? Ќе има ли некакви концепциски промени? Каде се гледаш во иднина?
„Ај ти замижи“ во основа ќе остане ваква со мали промени од есен. Не практикувам да менувам концепт на една емисија. Попрво нова емисија со нов концепт, отколку веќе постојна со нов концепт. Сепак, главната публика се децата и внимаваме да не ги измешаме работите. Што се однесува до гледањето - јас сега се гледам во огледало: дома, во лифт, во излози и темни стакла. Се' додека е така - добро е. Во иднина, исто така, планирам да се гледам, повеќе или помалку, на истите места. Што би рекло момчето што ги вози децата во кола: Додека се гледам – значи постојам. |