Власта призна дека доцни повратот на ДДВ
Според бизнисмените, државата има кусок пари, па ги користи нивните пари за покривање на буџетските дупки
Александрија Стевковска
Дел од фирмите се' повеќе тонат во сопствената неликвидност, останувајќи без пари и без можност за нормално работење. Причина за лошата финансиска состојба во која запаѓаат дел од компаниите е доцнењето на повратот на ДДВ од страна на државата. Фирмите обвинуваат дека со тоа практично им се врзуваат рацете, бидејќи се оставени без и онака малкуте финансии што ги „вртат“ за натамошното свое функционирање.
Според бизнисмените, кои се плашат да проговорат јавно, тоа јасно покажува дека државата има кусок пари во буџетот, па нивните пари ги користи за покривање на буџетските дупки, туркајќи ги кон пропаѓање.
Управата за јавни приходи, која е надлежна за повратот на ДДВ, демантира дека има какво било доцнење во враќањето на средствата во фирмите по оваа основа. „Барањата на даночните обврзници за враќање на ДДВ што се доставуваат до УЈП, редовно се сервисираат од страна на даночната администрација и се доставуваат на реализација. Постапката за враќање на ДДВ може да биде пролонгирана од страна на УЈП, доколку кај даночниот обврзник се спроведува ДДВ-контрола. Од аспект на своето работење, УЈП ги запазува роковите за завршување на постапката за враќање на ДДВ“, информираат од Управата.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, вчера потврди дека има доцнења во исплатата на повратот на ДДВ за фирмите, но, како што вели, тоа не било драстично. „Постојат фирми каде што има доцнење на повратот на ДДВ, што не го спориме, но износот не е драстичен, барем според податоците со кои располагам“, изјави вчера Пешевски. Тој посочи дека за ДДВ се надлежни Министерството за финансии и УЈП, но, како што нагласи, според информациите од нив, доцнењето на повратот на ДДВ за фирмите во просек е неколку дена.
Наспроти официјалните информации, неофицијално дознаваме дека во првите три месеци годинава во стопанството по овaa основa се вратени 1,5 милијарди денари помалку, споредно со истиот период лани. Според Министерството за финансии, таа разлика е многу помала и изнесува 800 милиони денари. „Исплатата на обврските кон приватниот сектор се одвива со предвидена динамика. И п��крај тешките околности поради светската економска криза, Македонија е земја во која повратот на ДДВ кон фирмите се врши во најкус можен рок, споредено со која било земја од регионот и пошироко. За појасна слика, ако во Македонија повратот на ДДВ се врши за 30 дена, во регионот овој рок е во просек над 60, а некаде и над 90 дена. Само од почетокот на годинава досега државата вратила во стопанството по основ на ДДВ 4,2 милијарди денари, или околу 70 милиони евра“, велат од финансии.
Стопанствениците, пак, се се' погласни во изразувањето на своето незадоволство од ваквиот однос на државата спрема нив. Државата им враќа ДДВ на фирмите на месечно, тримесечно и на годишно ниво. Неофицијално, најмногу се доцни кај годишните обврзници.
Жалбите дека се доцни со поврат на ДДВ следуваат по барањата државата навреме да ги намирува долговите кон фирмите по сите основи. „Едно од најчестите барања што ги упатуваме до Владата е почитување на законскиот рок за поврат на ДДВ, согласно со категориите во кои се наоѓаат субјектите. Во последно време има реакција на некои наши членки дека има доцнење на повратот на ДДВ. Најчесто станува збор за доцнење од 15 или 30 дена, но и повеќе“, вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов. Според него, најчестите оправдувања за доцнењето се додатните проверки или административните причини.
И Стопанската комора почна интерна операција за да ја утврди фактичката состојба со долгувањето на државата кон фирмите, по се' почестите нивни реакции дека државата потфрла со враќањето на парите од наплатата на ДДВ. „Имаме индиции дека има случаи на задоцнето враќање на ДДВ. Последните две недели неколку компании кажаа дека во законскиот рок не им биле исплатени средствата по оваа основа. Комората ќе провери кај сите 15.000 компании-членки како тече сервисирањето на повратот на ДДВ, а потоа ќе побараме објаснување од УЈП“, најави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
|