Македонската кинематографија во колапс
Конкурсот за директор на Филмскиот фонд е поништен, сите проекти се запрени веќе два месеца
Сунчица Уневска
Министерството за култура објави нов конкурс за директор на Филмскиот фонд, а тоа значи дека претходниот конкурс се поништува и дека сите работи почнуваат одново. Тоа значи дека Фондот, кој не работи веќе два месеци (бидејќи мандатот на претходниот директор заврши на 26 октомври), нема да работи барем уште толку, ако не и многу повеќе.
Работата беше закочена во онаа фаза кога предлогот на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска требаше да го одобри Владата, но тој, како што дознаваме неофицијално, кој не се совпаѓал со фаворитот на премиерот Никола Груевски зад кого, наводно, стоел и Милчо Манчевски. Затоа врвот на Владата одлучи директор да не биде ниту еден од двајцата кандидати кои беа во игра, туку се' да се врати во почеток.
Официјалното образложение од портпаролот на Владата, Шефик Дураки, е дека ниту досегашниот директор Дејан Илиев ниту новиот кандидат Бранко Петровски не ги исполнувале условите на конкурсот. Ваквата одлука е многу лоша, бидејќи се' што е врзано со филмот во земјава е закочено и единственото прашање кое се наметнува е кому, всушност, му одговара тоа?
Во игра, како што веќе сите знаат, беше досегашниот директор Дејан Илиев (кој, според новата одлука на Владата, испаѓа дека две години бил на функција за која не ги исполнувал условите) и советникот за филм и театарска дејност во Министерството за култура Бранко Петровски. Дејан Илиев го исполни двегодишниот мандат иако според финансиското и ефективно работење Фондот функционираше само десетина месеци. Во текот на овие месеци беше завршен само еден конкурс на кој беа поддржани девет играни филма, четири кратки, пет документарни и еден анимиран. Вториот и третиот конкурс, иако распишани, не се завршија поради тоа што Фондот нема директор, и ако одобрените средства во тековната година (станува збор за 600 илјади евра) не бидат искористени, ќе мора да се вратат во буџетот.
Во игра влезе Бранко Петровски, во филмските кругови се зборува дека е близок на нашиот прославен режисер Милчо Манчевски и одлуката за тоа кој ќе ја продолжи оваа функција во Фондот, на кој е префрлена целата филмска дејност во земјава, наместо да зависи од Министерството за култура, се префрли во Владата. Влијанието и реномето на Манчевски се толку големи кај премиерот што тој едноставно ја закочи целата работа. Едно време беше извесно дека ќе биде Бранко Петровски, тој веќе и присуствуваше на некои настани како сигурен наследник на местото директор на Фондот, но тогаш се изменија работите.
Во јавноста излегоа реакции на филмските работници, околу педесет, со име и презиме, меѓу кои имаше и многу реномирани имиња, кои отворено застанаа во одбрана на Дејан Илиев. Министерката за култура Канческа-Милевска по еден одреден период, сепак, реши нејзин предлог да биде Дејан Илиев, што најверојатно не се очекуваше и тука работата застана. Дали премиерот се премислил затоа што со Бранко Петровски би влегла во игра и една група филмаџии, која е цврсто врзана со опозицијата?
Како и да е, она што е катастрофално во сето ова е што се стопирани сите работи врзани за филмот во Македонија. Проектите кои беа одобрени со првиот конкурс и кои веќе беа во поодмината фаза се запрени. Владимир Блажевски требаше да почне со снимање, исто и Марија Џиџева, чиј филм, пак, е дел од омнибусот на пет режисерки од поранешните ексјугословенски земји кој доби и поддршка од „Еуроимаж“. И многу други кратки и документарни филмови, дела кои беа во различни фази од реализација.
И не само тоа. И годинава имаме филм кој е македонски кандидат за „Оскар“, филмот „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска, кој, исто како и филмот „Сенки“ на Манчевски лани, треба да добие финансиска поддршка за да има презентација во САД и лобирање пред одлуката на Американската филмска академија. Но, во Фондот сега нема кој да потпише и не можат да се одобрат никакви средства. Никој не знае колку ќе трае оваа ситуација. Прашањето беше кому му одговара тоа, бидејќи не губат само еден или двајца, туку со тоа што македонската кинематографија е целосно во колапс, губи цела Македонија. |