„Вејка на ветрот“ во трилер-варијанта
Претставата тематски се занимава со изолацијата на жената и нејзиниот начин на справување со сето тоа
Лилјана Митевска
Статусот на жената во современиот општествен контекст е идејната основа околу која осцилира последната претстава на Македонскиот народен театар, „Вејка на ветрот“ од пионерот на нашата современа национална драма, Коле Чашуле, во режија на младата Нела Витошевиќ, која в сабота, во 20 часот, на малата сцена на МНТ ќе ја доживее својата премиерна изведба.
„Ова е еден од ретките текстови, дури и во рамките на светската драматургија, каде што главен е токму женскиот лик. Иако тематски пиесата се занимава со прашањата на печалбарството и откорнувањето од сопствената земја, оваа поставка многу повеќе го отвора прашањето за изолацијата на жената и нејзиниот начин на справување со сето тоа“, вели режисерката Нела Витошевиќ.
И не само на ниво на тематскиот третман, оваа претстава ќе биде многу поинаква од својот оригинал и по структурата. Како што вели режисерката Витошевиќ, оваа поставка на „Вејка на ветрот“ е повеќе трилер отколку мелодрама. „Драмата започнува обратно, од крајот кон почетокот, при што драмското дејствие се доловува преку реминисценции. Голема инспирација ми беше филм ноарот и стриповската црно-бело естетика. Ликовите во себе имаат доза мистерија како кај трилерот. Ова е ’Вејка на ветрот’ на новата генерација. Се игра во една поразлична температура, со поинаква брзина и посовремено обликување на ликовите“, вели режисерката Витошевиќ.
Актерот Славиша Каевски, пак, вели дека она што е за него особено интересно во однос на овој текст е фактот што „иако е напишан пред педесет години тој тематски ги третира истите нешта кои и денеска ги читаме по весниците, по црните хроники. Се надевам дека со оваа претстава ќе испратиме нова порака“. Актерката Јелена Јованов�� која го глуми главниот лик на Магда единствено открива дека нејзиниот лик нема да заврши кукавички како во оригиналната пиеса туку ќе се реши за нешто похрабро.
Покрај споменатите актери во претставата играат и Тони Михајловски и Камка Тоциновски, односно истата екипа со која режисерката Витошевиќ ја реализираше и својата дипломска претстава „Чикашки перверзии“ во Драмски театар. Сценографијата за претставата ја изработи Мујар Буча, костимите се на Росица Мршиќ, а изборот на музиката ќе го направи режисерката Витошевиќ. |