Мултимедијален хепенинг за Кочо Рацин
Европската филмска академија ЕСРА организира мултимедијален хепенинг по повод 100-годинишнината од раѓањето на великанот на македонската литература Коста Солев Рацин. Овој интересен проект насловен „Филмски воз Кочо Рацин“ се реализира во соработка со Министерството за култура, македонските железници, МАНУ, Друштвото на писатели на Македонија и градот Велес. Централниот настан ќе се одржи денеска, бидејќи на 18 декември е роден големиот македонски поет Рацин.
„Токму поради тоа, како што вели Јордан Плевнеш, чествувањето ќе биде по примерот на чествувањата на големите литературни великани низ сите светски метрополи, како Виктор Иго, Џорџ Бернард Шо или Георг Бихнер, покажувајќи дека и ние имаме свои духовни великани.“
Хепенингот предвидува патување со воз Скопје-Велес-Скопје, во кој ќе биде поставена изложба на фотографии посветена на Рацин, која ја подготви Македонскиот центар за фотографија. Програмата ќе продолжи во куќата на Кочо Рацин и пред неговиот споменик, а во новоотворената сала „Бели мугри“ во Велес ќе се одржи музичко-сценскиот ораториум под наслов „Вечниот Рацин“. Овој настан е во режија на Дејан Пројковски и музика на Горан Трајковски, а ќе учествуваат македонски актери и студенти на Универзитетот за аудиовизуелни уметности. (С.У.) |