Концерт на џез-пијанистот Алјоша Симјановски
„Џезот како методологија-формата како глагол“ е суштината на концертот на пијанистот Алјоша Симјановски, како што тој самиот го опишува, а кој ќе се одржи вечерва во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија. На програмата ќе бидат изведени македонски џез-балади како: „Мост ми ѕидале девет мајстори“, „Три години се љубевме“, „Трба трби гевгелиско“, „Болен лежи млад Стојан“... Според Симјановски, изборот за ваква програма е обид да се продре под совршените форми на преубавите македонски песни во потрага по нивниот внатрешен интезитет и скриена емоционалност.
Пред почетокот на концертот ќе биде прикажано и неговото кусо филмско остварување „Мојата љубов Чарли Паркер“. Пијанистот, композиторот и филмскиот и телевизиски режисер Алјоша Симјановски, досега има издадено неколку џез-албуми, познат е и по неговите мултимедијални перформанси, а настапувал, освен во Македонија, и во Њујорк, Токио, Монтре, Мелбурн... (К.Р.) |