Надреалната комедија „Апсурдистан“ вечерва на „Синедејс“
Вечерва, во рамките на фестивалот посветен на современиот европски филм „Синедејс“, во 17 часот, во киното „Фросина“, како дел од главната фестивалска програма ќе биде прикажан рускиот филм „Сирени“. Во делот од ревијалната програма во чиј фокус е холандскиот филм, во 18 часот, во киното „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Рај сега“, додека во 19 часот, во киното „Фросина“, во делот на главната програма ќе се случи проекцијата на филмот „Абсурдистан“ во режија на Веит Хелмер, за кој сценариото го напиша Гордан Михиќ, а во филмот игра и нашиот актер Илко Стефановски. Станува збор за една сосем несекојдневна апсурдна комедија фокусирана врз животот во едно мало село некаде помеѓу Азија и Европа, наречено Апсурдистан, во кое најголемиот проблем на четиринаесетте семејства е недостигот на вода, но и мрзливите мажи кои не мрдаат ниту со прст за да ја подобрат ситуацијата... на крајот доаѓа до војна меѓу мажите и жените кои го делат селото на два дела со бодликава жица.
Програмата продолжува со српскиот филм „На убавиот син Дунав“, кој ќе биде прикажан од 20.30 часот, во делот на регионалната програма „Балкан линк“, во киното „Милениум“, а за крај на вечерашната програма, во 21.30 часот во киното „Фросина“, како дел од главната програма ќе биде прикажан грчкиот филм „Исправка“. (Л.М.) |