Пресуди за изборни измами наесен
Во нерешените предмети се и кривичните пријави против пратениците на ДУИ, Талат Џафери и Вулнет Амети
Во сите судови почнува користењето на колективни годишни одмори
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - За инцидентите што во текот на изборите од 2008 година се случија во тетовскиот крај повеќето обвинети ќе ја чекаат есента. Причина е што почнува користење колективни годишни одмори во сите судови. Во овој период во судовите ќе се расправа само за итни случаи, а во нив не се вбројуваат учесниците во нередите за време на вонредните парламентарни избори.
Според податоци од Основното јавно обвинителство во Тетово, кривична постапка се водела по 21 пријава во кои биле инволвирани 84 лица. Од нив, десет пријави се' уште не добиле судски епилог ниту во првостепена постапка во која треба да одговараат дури 53 нарушувачи на изборниот процес.
Во нерешените предмети се и кривичните пријави против пратениците на ДУИ, Талат Џафери и Вулнет Амети. Џафери одговара за инцидентот што се случи на раскрсницата кај тетовски Монопол во кој беа нападнати полицајци и полициски возила. Амети е обвинет дека во неговиот автомобил, за време на изборите, на избирачко место во Тетово било пронајдено автоматско оружје.
Основното јавно обвинителство во Тетово има податоци дека девет предмети биле окончани во кои две пресуди биле потврдени и од второстепениот суд. Во четири случаи првостепениот суд донел ослободителни пресуди кои се обжалени и за четири лица Обвинителството дало изјави за откажување од натамошно гонење поради недостиг од докази.
Во досегашната постапка затворски казни од вкупно 15 години и четири месеци се изречени за шест лица. Вулнет Џелили е осуден на четири години и десет месеци за инцидентот во Раковец каде што бил нападнат конвојот на ДУИ на чело со лидерот Али Ахмети, а неговиот соучесник во овој инцидент Фарук Илјази е осуден на две години затвор.
Тетовецот Селам Терзијам за кривично дело спречување избори и гласање е осуден на четири години затвор. Тој заедно со уште неколкумина се заканил на избирачкиот одбор со оружје за да полни гласачки кутии на избирачко место во ОУ „Наим Фрашери“ во Тетово.
Абдураман Сулејмани организирал група на избирачко место во тетовската гимназија насилно да гласа за партијата на која тој и' припаѓал за што е осуден на три години затвор.
Шефкет Салиу од Камењане доби едногодишна затворска казна за ист инцидент, а според информациите, оваа пресуда е потврдена и од второстепениот орган. Шест месеци затвор добил и Фадил Арслани од Жеровјане.
Во ОЈО-Тетово информираат дека во тек е предистражна постапка и по четири кривични пријави што ги поднела ДПА за инциденти и изборни нерегуларности за време на годинашните претседателски и локални избори. |