„Портокалот“ повторно се распадна
Вчера и дефинитивно стана јасно дека речиси нема шанси да се смират претседателот и премиерката на Украина
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Парламентарната коалиција во Украина и дефинитивно се распадна, што го потврди и вчерашната седница на Врховната рада на која не сакаа да присуствуваат членовите на партијата Наша Украина. Сега претстои и формално да се помине предвидениот законски рок, па претседателот Виктор Јушченко да објави дека го распушта парламентот. Украинската премиерка, исклучително амбициозната Јулија Тимошенко, одговори на обвиненијата на Виктор Јушченко и рече дека тој е главниот виновник за тоа што се распадна „портокаловата“ коалиција.
Претседателот на Централната изборна комисија на Украина, Владимир Шаповал, вчера изјави дека тие се подготвени ако затреба да се организираат вонредни избори. Шаповал објасни дека претседателот има право врз основа на членот 90 од Уставот на Украина да распише вонредни избори, а тие може да се одржат до крајот на годинава.
Знаејќи дека партијата Наша Украина има се' помалку симпатизери, бидејќи во последно време рејтингот нагло и' се намали, противниците на Јушченко предлагаат на изборите да се зголеми прагот за влез во парламентот. Многумина сметаат дека на Јушченко лесно може да му се случи во идниот парламент да не влезе неговата Наша Украина.
Симпатизерите на Јулија Тимошенко и украински региони предлагаат да се промени процедурата за именување на државен обвинител. Според новата процедура, претседателот мора да ја добие поддршката од парламентот за да го постави својот кандидат за обвинител.
Денес во украинскиот парламент се очекуваше да зборуваат министерот за одбрана, Јуриј Јехануров, и министерот за надворешни работи, Владимир Огризко. Парламентарците инсистираат да им се објасни кој дозволил на територијата на Украина да престојува американскиот брод „Далас“ кој влезе во еден залив недалеку од Севастопол каде што се наоѓа руската Црноморска флота. Во пристаништето во Севастопол вчера пристигна и американскиот истражувачки и океанографски брод „Патфиндер“.
Украинските парламентарци му забележуваат на министерот за надворешни работи Огризко дека има двојни стандарди. Тој претходно се залагаше за признавање на Косово а сега е против признавањето на Абхазија и Јужна Осетија.
Американскиот потпретседател Ричард Чејни вчера попладне пристигна во Киев. За денес е планиран разговор со претседателот на Украина, Виктор Јушченко, со кој ќе разговара во четири очи, а потоа и во проширен состав. Потоа ќе се одржи конференција за печатот.
|