Обама е сака повеќе „амбициозни говори“ отколку да работи за „вистинските Американци“, вели Пејлин
СЕНТ ПОЛ - Сара Пејлин, кандидат за потпретседател во кампањата на Џон Мекејн, од конвенцијата на републиканците упати жесток напад кон претседателскиот кандидат од редовите на демократите, Барак Обама. Таа го даде својот прв говор во една голема кампања пред воодушевената публика на конвенцијата во Сент Пол, Минесота. Бранејќи го фактот дека потекнува од мал град, таа го нападна Обама за тоа дека само зборува за промени, меѓутоа не направи ништо суштинско. Потоа, Мекејн на изненадување на сите се појави на сцената заедно со нејзиното семејство и рече: „Зарем не мислите дека го направивме вистинскиот избор?“
Во говорот дизајниран да ја убеди партиската база, таа зборуваше за нејзиното семејство, вклучувајќи го и најстариот син, кој треба да биде распореден во Ирак како припадник на американската армија и нејзиниот помлад син кој боледува од Даунов синдром. Сара Пејлин, мајка на пет деца, стави акцент врз нејзиното потекло од мал град и нагласи дека не е дел од „вашингтонската елита“. Во плотунот насочен кон медиумските коментатори кои се сомневаа во нејзините квалификации, таа посочи дека „не оди во Вашингтон за да бара добро мислење од нив“, туку да биде во служба на народот. Пејлин ја пофали „одлучноста, решеноста и храброста“ на Мекејн и наведе дека е почестена да му помогне.
Пејлин, исто така, ја нападна „агендата за промени“ на Обама и сугерираше дека тој е позаинтересиран за идеализмот и „амбициозни говори“ отколку работење за „вистинските Американци“. „Во политиката има кандидати кои ги користат промените за промовирање на своите кариери. А има и такви, како Џон Мекејн, кои ги користат своите кариери за промовирање на промени“, рече таа. Пејлин упати жестока критика кон искуството на Обама како организатор на заедница и коментарите што тој ги даде на почетокот од годинава кога зборуваше за „огорчените“ припадници на работничката класа „кои се држат до оружјето или религијата“. „Претпоставувам дека градоначалник на мал град е нешто налик на ’организатор на заедница’ меѓутоа тука всушност имате вистински одговорности. Би можела да додадам дека во малите градови ние просто не знаеме што да направиме со кандидатот кој се расфрла со пофалби кон работниците кога тие слушаат, а потоа зборува колку жестоко тие се држат до религијата и оружјето, кога тие луѓе не го слушаат“. Пејлин, која го поддржува вадењето нафта во Арктичкиот национален природен резерват на Алјаска, вели дека и покрај тоа што вадењето нафта „нема да ги реши сите енергетски проблеми на Америка“, тоа „не е оправдување да не се стори ништо“.
Поранешните гувернери Мит Ромни и Мајк Хакаби ја отворија вечерта со пофални зборови за Мекејн и напад врз демократите. Ромни, кој едно време му беше ривал на Мекејн за обезбедување номинација од редовите на републиканците, го искористи говорот за да ги нападне демократите околу нивната „либерална“ агенда. „Ние имаме лек за секој Американец кој сака промени во Вашингтон - не го давајте својот глас за големите владини либерали и изберете го Џон Мекејн“, изјави поранешниот гувернер на Масачусетс. Тој, исто така, ги пофали квалификациите на Мекејн во областа на националната безбедност наведувајќи дека тој е претседателскиот кандидат кој ќе го порази „лошиот“ радикален ислам.
Хакаби, исто така поранешен ривал на Мекејн, се пошегува дека се надевал оти ќе одржи говор синоќа кога Мекејн ја прифати номинацијата за претседателски кандидат на изборите закажани за ноември. Меѓутоа посочи дека е воодушевен што ќе зборува за неговиот втор избор, Мекејн - „личност со карактер и тврдоглав интегритет што ни е потребно за еден претседател“. Тој застана во одбрана на Пејлин против критиките од медиумите, наведувајќи дека нивното покривање на настаните е „позабележително отколку промените на костумите на концертот на Мадона“ и го нападна кандидатот за потпретседател на демократите Џо Бајден. „Уморен сум постојано да слушам за немањето искуство. Таа доби повеќе гласови кандидирајќи се за градоначалник на Васила, Алјаска отколку што Џо Бајден доби кандидирајќи се за претседател на САД“, изјави тој осврнувајќи се резултатот на Бајден на прелиминарните партиски избори кај демократите.
Говорот на гувернерката од Алјаска дојде во услови на испитување на нејзиното досие и по два дена откако главна вест во медиумите беше бременоста на нејзината 17-годишна ќерка Бристол. Пејлин и нејзиното семејство, вклучувајќи ги и Бристол и нејзиното момче, во средата го пречекаа Мекејн на аеродромот при неговото пристигнување во Минесота. (Би-Би-Си)