„Бунтот“ на министерот за финансии ја собори британската фунта
Изјавата на министерот Алистер Дарлинг дека домашната економија е во тешка криза и' наштети на националната валута
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Решението на секогаш мирниот и тивок британски министер за финансии Алистер Дарлинг прв пат во својата кариера да „зборува гласно“ и да се „побуни“ против таквата слика што за него ја има домашната политичка јавност предизвика пад на вредноста на фунтата. Експерти во лондонскиот финансиски центар Сити тврдат дека причината за рекордниот пад на британската национална валута во однос на еврото и на американскиот долар треба да се бара во изјавата на министерот Дарлинг дека домашната економија се соочува со најтешката криза во последните 60 години и дека економскиот пад може да биде подлабок и подолгорочен од оној од кои најголемиот број од луѓето стравуваат.
Таквото тврдење подоцна беше ублажено, со објаснувањето дека има повеќе причини за падот на фунтата, но штетата беше направена и неа во кус рок не можеше да ја поправи ниту дискретното оградување на Даунинг стрит 10 од коментарите и тврдењата на министерот за финансии. Фунтата на Лондонската берза и во домашните менувачници падна првпат под границата од 80 пени за едно евро, што е најниското ниво од 1999 година, откако се појави заедничката валута на ЕУ, а во однос на слабиот долар на 1,80 за една фунта. Минатата година во ова време, најмногу 60 пени се добиваа за едно европско евро, а цели два долара беа потребни при менувањето за една фунта. Изјавата на Дарлинг дека кризата во економијата е рамна или полоша од онаа по Втората светска војна ги исплаши економистите и финансиерите, а може понатаму да ги направи претпазливи и инвеститорите, што би значело забавување на приливот на странските инвестиции, но се чини дека таа, засега, поголема штета направи на политички план. Излегувањето на министерот за финансии од сенката на својот претходник (Гордон Браун) и првиот „самостоен“ настап на Дарлинг во едно интервју, без знаење на неговиот тутор и премиер, заврши мошне лошо по Браун и лабуристите. По телефонскиот разговор на премиерот и неговиот министер, во кој, како што се дознава, Браун не го криел својот гнев од постапката на Дарлинг, на Даунинг стрит 10 му беа потребни уште 24 часа да издаде соопштение во кое едвај ја крие лутината. Во него се вели дека тие двајцата постојано и заедно работат за изнаоѓање решенија што би ја санирале економската ситуација, што би требало да значи дека меѓу нив нема разлика во гледањата околу ситуацијата во земјата, но дека за интервјуто на Дарлинг и за неговите ставови и гледања за кризата, кабинетот на премиерот (и тој самиот) разбрале откако го виделе саботното издание на „Га��дијан“.
Функционери од лабуристичките редови тврдат дека „излетувањето“ на министерот не можеше да се појави во полош момент за владата на Браун, кој знаејќи дека битката на следните избори ќе се води околу економијата и прашањата од поодамна најавениот пакет-мерки за ублажување на последиците од кризата. Премиерот, покрај тоа, настојувајќи да ја поправи ситуацијата со нискиот рејтинг на лабуристите кај гласачите, постојано се обидува да ги амортизира критиките на опозицијата за економските состојби, тврдејќи дека владата има сили да се справи со кризата, дека има решенија да им се помогне на луѓето и дека британската економија има доволно сили за да се справи со глобалните случувања. Само пред една недела, Браун им порачуваше на Британците дека работите не се толку лоши како што се прикажуваат во медиумите, па затоа тврдењето на Дарлинг за „најголемата криза“ во последните шест децении изгледа сосема различно од она што го зборува премиерот. Тоа вешто го искористија опозиционите ториевци, обвинувајќи ги уште еднаш владата и лабуристите дека не знаат што прават и дека немаат никаков концепт за излез од кризата, цинично благодарејќи му притоа на министерот за финансии што е „конечно искрен“. Најновите предвидувања на ОЕЦД дека британската економија во втората половина од годинава ќе биде во рецесија, придонесоа фунтата и понатаму да „плива“ и да се спушта во однос на еврото и доларот.
|