Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Политика
09.02.2012, 18:18

Судиите и обвинителите не се даваат на Антикорупциска комисија

Практиката на судиите и обвинителите може само да им користи на студентите, сметаат во двете институции задолжени да даваат одобренија


Гордана Дувњак


Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не мислат да ги преиспитаат дадените одобренија на судии и обвинители да држат предавања на високообразовни институции. Одговорните во овие две институции сметаат дека не само што нема такви ограничувања во законите туку и искуството на судиите и обвинителите од практиката е драгоцено за студентите, бидејќи на најдобар начин можат да се запознаат со материјата што им се предава како теорија.

Да се преиспитаат издадените одобренија минатиот петок побара Антикорупциска комисија, која смета дека на ваков начин се доаѓа во судир со конфликт на интереси, бидејќи судиската и обвинителската професија била неспојлива со вршење други функции. Антикорупционерите го проблематизираа и тоа што две уставни судијки, Гзиме Старова и Наташа Габер-Дамјановска, истовремено се и универзитетски професори и им препорачаа да изберат која функција ќе ја вршат.

Во Судскиот совет не гледаат ништо лошо во тоа што нивни колеги се предавачи. „Законот не' овластил да даваме одобренија за судии да предаваат на високообразовни институции. Постојано добиваме барања од судии, но и од самите институции, кои се заинтересирани практичари да изведуваат настава. Сепак, како Совет зазедовме став дека таква можност треба да им дадеме на поискусните судии, па тргнавме од тоа дека едукатори можат да бидат судии со најмалку шестгодишно искуство“, ни изјави претседателката на ова тело, Александра Зафировска.

Таа вели дека две такви барања ќе бидат разгледани и на идната седница на Судскиот совет закажана за следната среда, кога веројатно ќе се отвори и оваа тема што ја наметна Антикорупциска комисија.

„Секое барање го разгледуваме одделно и, во принцип, доколку се исполнети условите, не гледаме зошто би имало пречка судиите да не предаваат. Тие го прават тоа по завршувањето на работното време и во сабота, па не им ни пречи на редовната работа“, додава Зафировска.

Лани биле издадени 10-ина вакви одобрувања, но секоја година се обновуваат и не се дадени еднаш засекогаш.

Првиот човек на Советот за јавни обвинители, Костадин Кизов, вели дека имале еден ваков случај. „Колегата Тодор Витларов од Штип уште кога беше член на Советот побара да му одобриме да предава на Штипскиот универзитет. Во два наврата се консултиравме со Антикорупциска комисија дали постои конфликт на интереси. Добивме негативен одговор, по што обвинителот Витларов се повлече од членството во Советот за јавни обвинители и си даде оставка“, објаснува Кизов.

Споменатиот обвинител во септември минатата година се вратил во Вишото обвинителство во Штип, а на повторното барање да добие дозвола да предава, позитивно му е одговорено.

„И овој пат се обративме до Антикорупциска комисија, од каде што ни беше речено дека нема пречка, бидејќи е во согласност со член 49 од Законот за јавно обвинителство. Тоа значи се' додека е во сила оваа одредба, не гледаме зошто обвинители да не бидат и предавачи“, додава претседателот на Советот.

Проблематизирањето на судиската функција на двете професорки од Уставен суд во јавноста се протолкува повеќе како каприц отколку како принципиелност. Најпрво, затоа што дојде неколку дена по привремената мерка на Уставен суд за лустрацијата, како и по оспорувањето на голем број одредби од Законот за високо образование. Интересно е што на тапет се ставија само двете судијки предложени од поранешниот шеф на државата Бранко Црвенковски, но не и професорот Зоран Сулејманов.

Но, она што се чини го превидоа антикорупционерите е тоа што токму Уставниот суд еднаш веќе се произнесе околу судската неспојливост, расправајќи по конкретна иницијатива поднесена од Стамен Филипов. Во предметот под број 114 од 2000 година (кога Старова и Габер воопшто и не беа уставни судии), Судот одлучил да не поведе постапка за оцена на член 50 став 2, 3, 4 и 5 од Законот за судови.

Судот оценил дека активностите што може да ги врши судијата на универзитет (предавања и учество во научни проекти), според начинот и условите предвидени во оспорените членови под кои тие можат да се вршат (без надоместок, а по претходна согласност од судот во кој судијата е избран и др.), немаат професионален карактер, односно не можат да се сметаат како вршење професија.


Стат��јата е прочитана 1521 пати.

Испрати коментар



Доаѓа Нимиц, ќе ги воскресне ли преговорите?
Уште една компанија го оспорува тендерот на МРТВ



army veteran, 10.02.2012 16:23:33
Sudir na interesi vo ovie primeri postoi i te kako. Znachi NEPOTIZMOT so azimut na dvizjenje kon DESPOTIZAM e na golema vrata. Studentite treba da gi uchat i dobrite no i loshite primeri od juristdikcijata. No, toa ne znachi deka sudirot na interesi treba da se ostavi da postoi. VETO pod hitno i toa regulirano so zakonski ili podzakonski akt.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

"""

  


Site Meter


Време
Скопје, -11°C

Магла

Вторник
Слаби снежни врнежи
Макс: -1°C, Мин: -11°C

Среда
Слаби снежни врнежи
Макс: 0°C, Мин: -8°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |