09.02.2012, 17:55 Уште една компанија го оспорува тендерот на МРТВ
Покрај кинеската „ПЦЦВ глобал хелас“, и компанијата „Глоубкаст“, подружница на „Франс телеком“, тврди дека нивната понуда била пониска од избраната на тендерот
Уште една компанија учесник на тендерот на Македонската радио-телевизија за набавка на услуги за издавање под наем на сателитски врски, се жали дека била избрана најскапата понуда на овој тендер.
Иако ниската цена, според критериумите, требало да има пресудно значење во изборот, тоа не било во овој случај, обвинуваат две компании што учествувале на тендерот. „Глоубкаст“, која е 100 отсто подружница на „Франс телеком“, и кинеската „ПЦЦВ глобал хелас“ подружница на „ПЦЦВ глобал лтд“, кинеска компанија со седиште во Хонгконг, тврдат дека нивните понуди биле пониски од онаа на фирмата која била избрана, „Еуро ворлд нетворк инк УСА“.
„Утрински весник“ веќе објави дека МРТВ за набавка на сателитски сегменти ја избрала понудата на компанијата „Еуро ворлд нетворк инк УСА“ и покрај тоа што компанијата „ПЦЦВ глобал“ имала над 200.000 евра пониска понуда, поради што оваа компанија и ја обжалила одлуката на МРТВ до второстепената државна комисија.
„ПЦЦВ глобал“ е национален оператор за телекомуникации во Хонгконг и котира на тамошната берза, поради што од огромно значење и е какви информации ќе бидат пласирани за компанијата. Тие тврдат дека покрај материјална, имале и технички подобра понуда од своите конкуренти со кои влегле во последната фаза од тендерот. Затоа изборот на „Еуро ворлд нетворк инк УСА“, според нив, е незаконски, бидејќи според условите во тендерот, како најповолна требало да биде избрана најниската понуда.
По објавувањето на оваа информација се огласи и компанијата „Глоубкаст“, подружница на „Франс телеком“, која, исто така, поднела приговор до второстепената државна комисија. И од оваа компанија велат дека иако требало да се избере провајдер со пониска цена, тоа не се случило. Тие тврдат дека нивната цена била пониска од онаа на избраната компанија.
Во МРТВ и вчера, како и пред неколку дена повторија дека постапката по оваа јавна набавка е завршена, бидејќи Државната комисија за жалби по јавни набавки веќе ги отфрлила жалбите на компаниите како неоправдани. Претседателот на Комисијата, Захир Бекташ, ни изјави дека жалбите на двете компании биле разгледани во иста постапка во која Државната комисија за жалби по јавни набавки ги отфрлила како неоправдани.
Тој уште еднаш потенцира дека постапката, која била комплицирана и траела подолг временски период, била спроведена според сите законски прописи и демантира дека е избрана поскапата понуда. Тендерската комисија во МРТВ по разгледувањето на пристигнатите понуди на тендерот кој бил распишан минатата година за набавка на услуги за издавање под наем на сателитски врски, ја прифатила понудата на „Еуро ворлд нетворк“, вредна 4,17 милиони евра. (С.М.) |