Има ли филантропи во Македонија?
„Не е срамота да станеш богат, туку срамота е да умреш богат“, смета Германецот Вернер, кој го подари богатството на добротворна фондација
Оливера Војновска
Вниманието на светската јавност деновиве ја привлече веста дека сопственикот на синџирот веледрогери „ДМ“, Германецот Гец Вернер, се откажал од ��огатството. „Не е срамота да станеш богат, туку срамота е да умреш богат“, светските агенции ја пренесоа изјавата на Вернер, кој комплетната сопственост од оваа фирма ја префрлил на една добротворна фондација. Вернер смета дека е доволно тоа што на неговите седум деца им обезбедил квалитетно образование, па тие нема да добијат ништо од наследството вредно една милијарда евра. Богатиот Германец верува дека децата имаат право на добар старт во животот, но не и на тоа родителите да им обезбедат доживотно богатство ним и на нивните потомци. Потегот на Вернер изгледа неверојатно. Особено за наши македонски услови, но е вистинит.
Како изгледа филантропијата видена низ македонската призма. Ние сме мала и сиромашна земја, па не можеме да се споредуваме со богатиот свет. Сепак, тоа не значи дека кај нас нема личности што успеале да создадат респектибилен сопствен капитал и да се наредат на списокот богати моќници. Се разбира, во прашање е неофицијална листа, бидејќи такви податоци не соопштува ниту една државна институција, а нашите милионери не сакаат да говорат за своето богатство. Така што овие информации имаат третман на државна тајна. Меѓу богатите Македонци се споменуваат Минчо Јорданов, Ристо Гуштеров, Зоран Зелениковски, ексградоначалникот Трифун Костовски, потоа Шефик Идризи од „Ренова“, градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, и неговиот синџир маркети - „Тинекс“, Штерјо Наков - „Фершпед“ и Орце Камчев.
Листата, пак, на македонски бизнисмени што пројавиле желба да помогнат и да издвојат дел од сопственото богатство за доброволни прилози е повеќе од скромна. За да се набројат нашите филантропи, доволни се прстите од едната рака. Настрана тоа што македонската јавност најчесто слуша за нивниот ненадеен порив да помогнат во изградба на верски објекти, најчесто цркви.
Костовски, Гуштеров, Јорданов и Идризи најчесто ги препознава јавноста како личности што спонзорирале студенти и спортски клубови и помогнале да се одржат некои културно-уметнички манифестации. На првата Конференција за филантропија во Македонија што се одржа пред шест месеци, министерот за финансии, Зоран Ставрески, ги посочи Мајка Тереза и Тоше Проески како најголеми македонски филантропи.
Кога станува збор за спонзорства, искуството на нашите културни и естрадни работници е поразително. Директорот на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, Никола Глигоров, вели дека досега не се случило некој од нашите бизнисмени самоиницијативно да понуди помош за одржување на некоја манифестација. „Во прашање е чувството за општествена одговорност кон средината каде што се создава профитот“, вели Глигоров. Додава дека во обидот да се добие некакво спонзорство, комуникацијата оди преку компаниите и со жалење констатира дека често му се случува да биде одбиен. Посочува и два позитивни примера на соработка, „Т-хоум“ и „Скен-поинт“.
Нашата голема естрадна ѕвезда, Блага Петреска, не познава „македонски добротвор“ што сакал финансиски да помогне за афирмација на македонската песна. „Лично немам такво искуство. А не знам и дека некој од моите колеги добил пари за да отпее македонска песна. И да имало, тоа сигурно било симболично. Но, затоа кога некој странец тука ќе ја отпее македонската песна, се воодушевуваме. Луѓето од мали нозе треба да се учат да ја сакаат сопствената земја и култура. Ние малку се сакаме и се цениме себеси“, вели Петреска. Само еднаш досега побарала спонзорство, и тоа кога нејзината кариера била во најголем подем. Бев одбиена и пропаднав в земја“, вели таа.
Инаку, примерот со сопственикот на синџирот веледрогерии, Вернер, не е осамен. Неодамна странските медиуми објавија за „непристојниот предлог“ на најбогатите луѓе во светот да се откажат од половината од своето богатство. Бил Гејтс, кој се смета за најбогат човек на светот, и на неговиот најдобар пријател, Ворен Бафет, од своите колеги-милијардери побарале да подарат половина од своите богатства во добротворни цели. И според педантната евиденција на Бафет (кого списанието „Форбс“ го рангираше како трет најбогат на светот) до пред две недели во овој најголем филантропски потфат се вклучиле 40-ина плутократи, со заедничка вредност од близу 150 милијарди фунти! Меѓу личностите што се подготвени да донираат половина од своето богатство се споменуваат медиумскиот магнат Тед Тарнер, индустријалистот Боон Пикенс, кралицата на ток шоу-програмите Опра Винфри, холивудскиот режисер Џорџ Лукас и Џорџ Сорос. Предвидувањата се дека уште многу други милијардери ќе се согласат да дадат свој влог и да помогнат, пред се', во „третиот свет“, во борбата против болестите - сидата, маларијата, наркоманијата, справувањето со еколошките катастрофи и да бидат дел од глобалната „зелена револуција“. Сосема друга тема за анализа е прашањето зошто најбогатите луѓе на светот решија да се откажат од половината од богатството? |