Државата не плаќа за повеќе од четири деца
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Државата не им плаќа на семејствата доколку имаат повеќе од четири родени деца. Поточно за вишокот деца ги казнува родителите. Типичен случај за ова е семејството Павлови од Кавадарци, кое има четири деца, но не може да добие никаков надоместок. Кавадарчанката Силвана Павлова и нејзин��от сопруг велат дека се излажани од државата. Надлежните кои се повикуваат на некакви прописи ги одбиле нивните барања, бидејќи Силвана имала две деца и од првиот брак, а со четирите од вториот брак вкупно шест деца. Таа вели дека не биле навреме информирани за законските норми како да се стекнат со право на надоместок, но го прифатиле владиниот повик за зголемување на наталитетот. За Павлови законското решение значело дека раѓањето на четврто дете ќе им донесе државна субвенција.
„Кога барав надоместок за трето дете, рекоа направете си четврто. Потоа дојди по пари, ме советуваа. Кога сакав да го абортирам четвртото дете, лекарите ме наговорија да не го правам тоа оти државата ќе плаќала“, вели Павлова. Таа се пожали дека секојдневно оделе од врата до врата, но помош не добиле од никаде.
Бидејќи се наоѓаат на крај со трпението, Павлови најавија разврска на својот проблем на суд. „Немаме пари да ги прехраниме нашите деца. На моето петмесечно бебе место млеко му давам брашно разматено со вода“, видно револтирано ни раскажуваше мајката на шест деца, која рече дека е разочарана од односот на ��ржавата и контрадикторноста на владината кампања за подигнување на наталитетот.
Од Центарот за социјална работа Кавадарци велат дека станува збор за семејство кое нема право на ваков вид надоместок, затоа што мајката имала шест живородени деца. Иако постоеле и други законски услови каде што таткото може да го добие ваквиот вид субвенција, кај Павлови ниту овој услов не бил исполнет. |