Втор уписен рок во средните училишта
Во јавните средни училишта во Македонија денес е вториот уписен рок за пријавување и запишување ученици во прва година во 2010/2011 година. Резултатите ќе бидат објавени утре.
Министерството за образование и наука соопшти дека во августовскиот рок има слободни 15.332 места во сите општини во Македонија. Од нив, 3.733 се за гимназиско образование - 2.273 за настава на македонски јазик, 1.212 за албански јазик, 210 за настава на турски, 33 за српски јазик и пет места за повторувачи.
За средно стручно образование се слободни 11.446 места, од кои 6.625 за настава на македонски јазик, 4.425 за албански, 345 за турски јазик и 51 место за повторувачи.
Во 18 средни училишта во Скопје, слободни се вкупно 4.477 места, а од нив 2.146 за настава на македонски, 2.171 за настава на албански и 160 за настава на турски јазик. (МИА) |