Адеми: Рамковниот не е на товар на администрацијата
Вработувањата кои произлегуваат од правичната застапеност не ја оптоваруваат администрацијата и за тоа не треба никој да се грижи. Тоа е обврска од Рамковниот договор, уставна одредба, и мора да се имплементира. Не се многубројни, туку се во рамките на капацитетот на администрацијата за апсорбирање нови кадри, оцени вчера вицепремиерот Абдулаќим Адеми задолжен за спроведување на Ра��ковниот договор, одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
Досега по оваа основа е реализиран еден оглас од 290 вработувања. Следните месеци ќе има уште најверојатно еден оглас или два нови.
„Едниот оглас ќе биде претежно за помалите етнички заедници, за Ромите и за Турците, зашто констатиравме дека се помалку застапени во државната администрација, но иста забелешка имаме и од ЕУ. До крајот на август ќе има уште еден оглас за околу 250 вработувања, во септември и друг оглас, но не е одлучено за колкава бројка“, информира Адеми.
Тој е задоволен од досегашната динамика на вработување по Рамковниот.
„Тоа е предвидено во нашиот план и стратегија и е приоритет на Владата. Различните толкувања од различните политички партии и од други лица доаѓаат секогаш во зависност од нивната положба, дали се на власт или во опозиција. Истите политички партии од 2002 до 2006 година Рамковниот договор го прогласија за мртов, за непостоен, но кога беа на власт од 2006 до 2008 година секој ден се обидуваа да придобијат токму од него. Тие изјави ги оценуваме како несериозни, не придонесуваат за успешна имплементација на Рамковниот договор“, нагласи вицепремиерот.
Адеми повтори дека Рамковниот договор успеа да го прекине крвопролевањето во Македонија, ја стабилизира државата, придонесува за евроатлантските процеси на земјата и затоа сме обврзани целосно да го спроведеме.
Наскоро, најави тој, оние вработени во согласност со правичната застапеност, кои се' уште се дома, ќе бидат повикани во институциите.
„Владата постојано, на секоја седница, распоредува државни службеници што се примаат во Секретаријатот. Оваа бројка постојано се намалува и наскоро ќе се сведе на нула. Немаме точна бројка колку такви службеници има во моментов, бидејќи секоја седница се намалува и од 20 до 30 службеници се распоредуваат“, истакна Адеми.
Тој информираше дека Владата одвоила 12 милиони денари за невладините организации и фондации што работат во насока на имплементирањето на Рамковниот договор. Како што соопшти вицепремиерот Адеми, усвоена е Програма за финансирање програмски активности на здруженија и фондации за 2010 година, која ја изготви Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.
„Оваа Програма првпат се реализира од страна на Секретаријатот, а ќе придонесе за јакнење и за континуирана соработка со невладиниот сектор, како и за јакнење на довербата, толеранцијата и разбирањето меѓу припадниците од различните етнички заедници во Македонија што, пак, е во насока на успешното имплементирање на Рамковниот договор“, рече Адеми. Секретаријатот веќе формирал комисија што ќе ги разгледа апликациите од невладините организации, а потоа и ќе одлучи кој проект ќе добие финансиска поддршка. Програмата за финансирање програмски активности на здруженија и фондации за 2010 година деновиве ќе биде објавена во дневните весници, информира вицепремиерот Адеми. (П.Р.) |