Број 3262  вторник, 20 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Спорт

Враќањето на „кралот“ на земјата

Рафаел Надал го симна проклетството. Речиси една година не освои ниту еден АТП-турнир, а после тоа на ред дојде неговиот омилен - Монте Карло.

Со неверојатни 6:0 и 6:1 го растури во финалето сонародникот Фернандо Вердаско, со што стигна до шестата едноподруго титула. Серијата на неговите резултати беше фантастична. Против Де Бакер, Берер и Вердаско загуби само по еден гем во мечот (!), против Давид Ферер пет, а против Хуан Карлос Фереро шест.

„Ова се веројатно моите најдобри мечеви во кариерата. Не знам каде и кога сум играл на такво ниво во едно финале. Можеби финалето во Доха, но само првиот сет против Давиденко. Можеби на Олимписките игри во Пекинг“, се „правдаше“ Надал за предизвиканите фрустрации меѓу годинашниве противници во Монте Карло, и продолжи.

„Се чувствувам пријатно на теренот. Но, добро беше и во Индијан Велс и во Мајами, меѓутоа таму не ги искористив своите шанси. Очигледно станува збор за трета среќа. Во Монте Карло се' беше извонредно. Впрочем, ова е еден од моите омилени турнири и токму овде е прекината серијата на подолг период во кој не освоив пехар на победник“.

Значи, монденскиот Монте Карло ја имаше таа привилегија да го дочека враќањето на „кралот на земјата“. „Вамос Рафа“ повторно е во тренд. Неверојатната агресивност и борбеност зачинета со тениска префинетост во моментите на завршницата на поените до таа мерка ги фрустрираше неговите противници, кои по освоен поен се крстеа, ако освоеја гем се радуваа како мали деца, но за сет на свое конто, а тоа го признаваат и самите, не ни помислувале. „Најразочарани“ од препознатливиот, по малку груб, танц на шпанскиот тореадор останаа џет-сетерите во ВИП-ложата на централниот терен во Монте Карло. Егзекуцијата на Рафа беше толку немилосрдна и брза, поради што кавијарот во нивните тањири остануваше нечепнат, а „Дон перињонот“ недопиен, па разбирливи беа реакциите на легендарните Борис Бекер и Илија Настасе кои бараа милост од „разбеснетиот бик“, но безуспешно.

Во Монте Карло го немаше тенискиот уметник, Роже Федерер. Злобниците ќе речат, точна антиципација и ескиважа во вистински момент и тој да се најде на менито на Рафа. Сепак, едно е јасно. Швајцарецот не прототип на ментален склоп кој бега, напротив. А, јасна е и пораката на Рафаел Надал. Се вратив. Момент кој љубителите на тенисот го очекуваа со нетрпение. Сега се во исчекување на епските дуели меѓу двајцата големи пријатели и уште поголеми ривали. Сето тоа во чест на врвниот тенис. (Ф. Ш.)


#
Статијата е прочитана 502 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Одложен мечот од Светска лига со Русија
Вардар го „преслуша“ лидерот во Скопје
Рома загосподари со Рим
Ломбардија ќе заработи 14 млн. евра на мечот Интер - Барса
Пандев и Интер на состанок со мајсторите
Батон
Изненадувачка победа на Портланд кај Далас