Вардар го „преслуша“ лидерот во Скопје
Фудбалерите на Вардар направија подвиг совладувајќи ја Ренова со 2:0
Миодраг Мицковиќ
Фудбалерите на Ренова, кои веќе почнаа да ја прославуваат првата титула-шампион на Македонија во својата историја, беа непријатно изненадени во мечот, за многумина аутсајдерот Вардар, со поразот во Скопје од 2:0. Вардарците, на кои им гори под нозете заканувајќи им се баражот за опстанок во лигата, го надиграа лидерот, прикажаа една од своите најдобри игри во последно време и сосема заслужено ги освоија трите бода со кои избегаа, барем засега, од тоа фатално деветто место на табелата кое води кон баражот.
Од друга страна Ренова, која до пред ова коло имаше десет бодови предност пред Работнички, сега таа разлика е намалена на седум на пет кола пред крајот на првенството по победата на Работнички против Милано во гости. Навистина, предноста е се' уште голема, но Ренова не смее веќе да се „опушти“. Да не заборавиме до крајот има уште три средби на свој терен, Милано, Пелистер и во последното коло против директниот конкурент за титулата Работнички, што говори дека тешко ќе можат да си дозволат таков луксуз да ја загубат титулата која веќе ја имаат во своите раце. Особено што можат да ги загубат и двете средби на гостувањата, Силекс и Металург и пак да бидат први. Но, затоа пак Работнички не смее да загуби ниту еден меч во последните кола, дури и од Ренова во Тетово. Да потсетиме до крајот „романтичарите“ играат уште со Силекс, Металург и Победа во Скопје, со Пелистер во гости и како што веќе напишавме со Ренова. Тоа се тие комбинации, се' уште има теоретски шанси Работнички да биде шампион, но теорија е едно, вистинските можности сосема друго.
Ова коло можеби ја разјасни и дилемата кој клуб покрај Милано ќе игра во баражот. По поразот на свој терен од Тетекс, најблиску до него е Хоризонт Турново, кој сега е покус за два бода од најблиските конкуренти Вардар и Тетекс и три од Победа. Згора на тоа има мошне лош распоред во последните пет кола. На ред му се две тешки гостувања и тоа против Победа и Вардар, потоа и на Силекс, дома игра со Милано и Пелистер. Ќе биде потребен вистински подвиг играчите од Турново да избегаат од претпоследното место на табелата.
Се' друго е горе-долу јасно. Металург се зацврстува на третото место по освоените три бода во Кратово и веќе може да смета на излез во Европа. Тука на четвртото место, кое исто така води во Евро лигата е и Пелистер, но тој се' уште не е сигурен. Остануваат да се доиграат Куп-натпреварите. Ако Пелистер не успее да го освои Купот, шансата да игра во Европа е Купот да го освои Работнички. Секоја друга варијанта, победата во Купот на Тетекс или Скопје за што постојат шанси ќе биде погубна за пелистерци да играат во Европа, без оглед на освоеното четврто место во годинашново првенство. За да биде појасно во Евро лигата играат второпласираната и третопласираната екипа на табелата и победникот на Купот. Ако тоа биде Работнички, ќе се отвори место за битолчаните, ако Купот се најде во рацете на Скопје или Тетекс, тоа ќе биде крај на сите надежи за битолчаните. Сигурно дека победата на Пелистер во Купот, ќе значи и негов сигурен пат кон Европа. |