Батон: Ред бул е брз, но јас водам
Џенсон Батон посакува Мекларен својата доминација во трките да ја преслика и во квалификациите, откако светскиот шампион во Кина ја забележа својата втора победа сезонава. Триесетгодишниот Британец го направи вистинскиот избор на гуми кога почна да паѓа дождот на стартот од трката, определувајќи се да остане со мазните пневматици додека неговите главни ривали заминаа во боксот за да ги заменат своите со такви со средно длабоки шари. Батон се искачи од петтото на првото место и го одведе Мекларен до еден-два победа заедно со Луис Хамилтон, а самиот изби на врвот во вкупниот поредок на возачите со 60 поени, десет повеќе од Нико Розберг од Мерцедес. Мекларен исто така води кај конструкторите со 109 бода, Ферари е втор, а Ред бул трет.
И додека Батон и Хамилтон ги покажаа своите несомнени способности во текот на трката, Ред бул се' уште го има приматот во квалификациите, при што Себастијан Фетел освои три пол-позиции, а Марк Вебер една.
„Ред бул е многу брз цела година, како и на почетокот од минатата сезона, но ние водиме во шампионатот во моментов, што е извонредна позиција за нас“, вели Батон. „Ни претстои уште доста работа за да ја подобриме изведбата и токму на тоа работиме напорно, па извонредно е што ги постигнуваме овие резултати тогаш кога се' уште доста заостануваме зад Ред бул во поглед на брзината. Сето ова многу ни значи и се надевам дека кога ќе стигнеме во Барселона ќе се бориме Ред бул и во квалификациите и во трката“.
Способноста на Батон да ги процени условите во текот на самата трка е клучна за неговиот успешен старт на кариерата во Мекларен. Британецот направи правилен избор на гуми што му донесе победа во дождливата трка во Австралија минатиот месец, а својата способност за правилна проценка во услови на дожд повторно дојде до израз во Шангај.
„Оваа победа е многу посебна и навистина значи многу“, додава Батон. „Тоа беше интригантна трка во која повторно донесовме вистински одлуки. Не е работата само во тоа да се биде брз, суштината е во тоа да се ’читаат‘ условите. Влегувањето низ целта само една секунда пред Хамилтон кажува и за каков тимски напор станува збор и за колку голем резултат на целиот тим“.
Хамилтон, пак, од една страна е задоволен од пласманот по разочарувачкото шесто место во квалификациите, но од друга светскиот шампион од 2008 година чувствува дека имал погрешна стратегија што му ја одзеде можноста да изврши поголем притисок врз позицијата на Батон. Хамилтон беше еден од оние возачи што рано направија пит-стоп и се префрлија на интермедијарни гуми по дождот на почетокот од трката, но само неколку круга подоцна се врати на гуми за суво кога потпрестана дождот.
„Немав многу среќа со пит-стоп стратегијата и на тоа ќе треба да поработам“, вели тој. „Се обидов да направам избор и тоа не беше правилниот, но од тоа треба да се извлече поука. Сепак, треба да се биде фер кон Џенсон, кој беше подобар“. |