Флуоризираното млеко, сепак, е истражувачки проект
Истражувањето било одобрено од СЗО, а официјални податоци се очекуваат најдоцна до октомври годинава
Јасмина Јовановска
Млекото збогатено со флуор што го пијат децата во градинките, сепак, е истражување, со кое треба да се покаже дали употребата на флуоризирано млеко ќе ги заштити забите од кариес. Ова вчера го потврди бугарскиот стручњак Љубен Николов и претставник на британската невладина фондација „Боров“, кој заедно со неговиот колега Николај Шарков од Бугарија, потпретседател на Светската стоматолошка асоцијација, деновиве се во мониторинг на македонските градинки како се спроведува програмата за флуоризација на млекото.
„Флуоризираното млеко е истражување на ф��ндацијата ’Боров‘, кое е одобрено од Светската здравствена организација. Досега вакво млеко пиеле околу 250.000 деца и резултатите од овој проект се во фаза на евалуација. Со официјални податоци за тоа за колку ќе се намали кариесот кај децата ако пијат флуоризирано млеко, СЗО ќе излезе најдоцна до октомври оваа година“, изјави вчера Николов во скопската градинката „Росица“, која е една од 196-те градинки во земјава каде што се користи флуоризираното млеко.
Иако пред неколку месеци надлежните од Министерството за здравство ја убедуваа македонската јавност и родителите дека оваа програма се спроведува во повеќе земји, бугарските стручњаци излегоа со други податоци. Освен во Македонија, организирано, сите деца да пијат флуоризирано млеко, има само уште во Чиле. Во другите држави, овој проект се спроведува парцијално по региони и општини. Дури и во Бугарија, од каде што се стручњаците кои се ангажирани од Министерството за здравство за да се расчистат дилемите околу флуоризираното млеко, проектот се спроведува парцијално.
„Кај нас има општини каде што овој проект пропадна, зошто општините немаат пари. Добро е што во вашата земја зад програмата стои државата“, изјави Николов.
Флуоризирано млеко пијат децата и во Русија, Велика Британија, Бугарија. Во соседна Бугарија со овој проект се опфатени 6.000 деца, во Британија 60.000, а кај нас 8.000.
„Во нашите градинки флуоризирано млеко пијат околу 50 отсто од децата. Првите резултати се очекуваат по три години. Но, засега залевањето на фисурите се одвива добро, со што многу ретко има деца кај кои трајните шестки се вадат, што е краткорочна мерка од програмата“, појасни Бранко Милошевски, раководител на Секторот за стоматолошка заштита во Министерството за здравство.
И експертот Шарков, кој воедно е и преставник на СЗО, е задоволен како во Македонија се спроведува програмата. „Млекото се произведува според светски стандарди, а добри се и контролите на децата од градинките“, рече Шарков, кој посетил две градинки. Тој се обиде да ги отфрли сомневањата за штетноста, укажувајќи дека има глупави Интернет-страници на кои може да се најдат неточни податоци. „Амалгамските пломби и флуорот се две работи за кои се зборуваше дека се опасни за здравјето, но се докажа дека тоа не е така“, рече Шарков.
Македонските стручњаци по превентивна стоматолошка заштита кај децата досега неколку пати укажуваа дека нешто што е во истражувачка фаза, како што е млекото со флуор, не треба да влезе во Националната стратегија за орално здравје на децата. Според нив, подобро е децата да пијат таблети со флуор или да се флуоризира водата, бидејќи ефектите од нив се научно докажани, што не е случај и со млекото.
Флуоризацијата на млекото ��о градинките во земјава почна минатата година. По отпорот кај родителите, се одлучи секој самостојно да реши дали неговото дете ќе пие вакво млеко. Млекото се произведува во битолската млекарница, а го плаќа државата. |