Поглед
Потпросечен просек
Маја Томиќ
Сите се чудат зошто статистиката секој месец бележи раст на платите, а тие никако не мрдаат. Веќе со потсмев се слушаат растечките бројки што ги објавува статистиката. Нашите просечни плати достигнаа веќе 330 евра. Солиден просек, нема што. Но, прашањето е кој ги зема тие плати. Одговорот е - малкумина. Дури 71 отсто од вработените, или 438.452 лица, пред се', оние од приватниот сектор имаат плата далеку под утврдениот просек. Статистиката покажа дека во првиот квартал од годинава најниски плати зеле текстилците и кожарците, 9.589 денари и 9.050 денари, како и оние од дрвната индустрија - 10.522 денари. Остануваат околу 120 илјади лица со добри плати. Тоа се администрат��вците, банкарите, вработените во осигурителните куќи, во енергетскиот и во нафтениот бизнис. Оние чии просечни плати се над 40 и 50 илјади денари и кои, всушност, го покачуваат македонскиот просек, кој секој месец е се' повисок.
И за разлика од оние што имаат солиден стандард, повеќето, дури и да ја земаат просечната плата, тешко можат со неа да си обезбеди пристоен живот. Бидејќи минималната животна кошничка, пак, е пресметана на околу 200 евра. Што значи, со остатокот од околу стотина евра треба да се плати се' друго: вода, струја, парно, превоз, да се купи облека, книги, лекови и што уште не што го прави секојдневниот живот, а за што, богами, е потребна уште една статистички просечна плата.
Македонската вистина е дека работодавците, односно бизнисмените се со змија во џебот и многу тешко решаваат да ги зголемуваат платите на своите работници. За да има повеќе за нив, се разбира. А, не затоа што немаат и што лошо им оди бизнисот. Далеку се тие од своите европски колеги, кои редовно наградуваат според ефектот и според образованието. |