Големите ќе штедат, ние упорно трошиме
Големите земји го сменија концептот на дејствување, па се наметнува прашањето кој пат ќе го фати Македонија
Александрија Стевковска
Единствениот излез од светската криза е штедењето, заклучија лидерите на најголемите економии на двојниот самит на Г-8 и на Г-20 во Канада.
Освен штедење, за излез на земјите од криза клучно е поттикнувањето на економскиот раст и преполовување на буџетските дефицити, насоки што се дијаметрално спротивни од досегашните, кои препорачуваа поттикнување на потрошувачката како антициклична мерка.
Во услови кога големите земји го менуваат досегашниот концепт на дејствување, се наметнува прашањето што треба да прави Македонија кога досега Владата како изговор за трошењето го користеше упатството дека поттикнувањето на трошењето, јавно и лично, е единствен излез од кризата.
„Земјава мора да направи промена во досегашната идеологија дека трошењето е единствен излез од кризата. Кога големите земји заклучиле дека мора да ја променат политиката и да се преориентираат кон штедење, а тие, веројатно, имаат индикации дека тоа сега е единствен начин за излез од должничката криза, тогаш и ние треба да се приспособиме и да ја прифатиме таа препорака“, вели професорката на ФОН, Марија Зарезанкова-Потевска.
Експертите се едногласни дека економската политика секоја земја треба да ја приспособува кон сопствените потреби и потенцијали, но дека треба да се почитуваат и одлуките на водечките економии.
„Креирањето на секоја економска политика е индивидуално и зависи од концептот на секоја Влада одделно. Поимањето за раст и развој кај секоја земја е различен, но факт е дека без трошење нема раст. Концептот на големите земји за излез од кризата и условите за раст се разликуваат од досегашната политика и упатуваат на препорака дека е потребна интервенција на пазарот. Единствен коректор на пазарните неперфектности би биле владите, кои од трошење акцентот на раст и развој го ставаат на стимулирање на производството и на извозот“, смета професорот Јован Пејковски.
Од Министерството за финансии побаравме, но не добивме одговор дали нашата Влада ќе ја смени досегашната фискална експанзионистичка филозофија со онаа што ја прифатија големите земји, односно штедлива политика.
Досега нашата Влада го форсираше трошењето како мерка што треба да ја извлече земјава од криза, користејќи ги како покритие препораките на големите економии. Сега кога настана пресврт во светската економија во поглед на давањето насоки за ревитализација на економиите, останува да видиме што ќе направи нашата Влада.
Наспроти препораките на дел од све��ските лидери за штедење, други веруваат дека решавањето на должничкиот проблем, всушност, ќе го поттикне растот. Американскиот претседател Барак Обама бара претпазливост во намалувањето на јавната потрошувачка. Тој е особено загрижен околу опасноста премногу влади премногу да штедат во исто време. „Мораме да се осигуриме да не брзаме кон излезот сите во исто време, но мораме да внимаваме и на тоа дека долгот и нивото на дефицитот во многу напредни земји сега е неодржлив, што бара сериозно справување“, изјави Обама.
„Неуспехот на Самиот Г-20 да го поттикне економскиот раст би можело дополнително да ја продолжи економската депресија“, предупредија економските аналитичари, чии ставови ги пренесе лондонски „Гардијан“.
Во извештајот на еден угледен лондонски економски институт се напоменува дека договорот за преполовување на буџетскиот дефицит во наредните три години ќе доведе до намалување на глобалната побарувачка. Тоа ќе предизвика нова рецесија и големи загуби во државните каси поради малите приходи од данокот, пишува „Гардијан“. (А.С.) |