ЕДИТОРИЈАЛ
Неимарски маки
Билјана Ангеловска
Македонското неимарство нема да пропадне поради немање работа. Пропаѓањето ќе го помогне државата, чиј долг кон фирмите се мери во милиони евра. А, премиерот Никола Груевски никако да каже колку точно пари им должи државата на градежниците за завршени работи.
„Долгот кон градежните фирми ни оддалеку не е толкав колку што се зборува. Не знам точно за колку пари станува збор, но сигурно не се толку многу“. Вака Груевски неодамна се „одбрани“ од обвинувањата дека државата им должи големи пари на градежниците. Да биде работата уште потрагикомична тој тврдеше и дека побарувањата редовно се исплатуваат, но „призна“ дека тоа се правело со мало, поточно, минимално доцнење од 10-ина дена! Сега, пак, доцнењето г�� пролонгира, како што рече, на максимум еден месец.
Просто, човек да посака да работи во градежна фирма во Македонија. Гледајќи што се' се гради и слушајќи го премиерот, може некој да си помисли дека градежништвото доживува ренесанса, дека одново ги живее своите најубави денови од осумдесеттите години на минатиот век. Само што тогаш македонските градежни фирми, кои беа едни од најреспектабилните во поранешната држава, немаа егзистенцијални проблеми, иако броеја близу 10-ина илјади вработени. Се работеше и дома и во странство, а имаше и пари. Оној што ќе заминеше на некој странски пазар, по враќањето купуваше стан, некој дури и за децата.
Денес македонските градежни работници речиси не работат во странство. Многу повеќе се концентрирани на домашните градилишта. Навистина, работа имаат, некои од нив дури и на претек, но, за џабе. Зашто работењето на вересија денеска стана практика во Македонија.
Државата стана најголемиот инвеститор во градежништвото. Нарачува проекти, ангажира фирми, поставува камен-темелници, ги обиколува градилиштата во текот на изградбата. Значи, ја следи работата. С�� еден збор, прави се' како што треба. Но, дотука и толку. Натаму, крева раце. Мисли дека со тоа завршува нејзината обврска и градежништвото веќе не ја интересира. А, фирмите работат, градат, некои дури и ја завршуваат изградбата. Меѓутоа, пари не добиваат. Градежните фирми се ангажирани во политичка програма на Владата, а не во реална изградба на државата. Да е поинаку, би работеле на изградба на патишта, на фабрики, на водоводи, а не на музеи, фонтани, скулптури. Не дека на Македонија не и' требаат и такви културни споменици, но, сепак, има далеку поприоритетни работи што треба да се изградат во овој миг.
Работењето на жими мајка трае со месеци, а фирмите влегуваат во се' подлабока була. Владата ем им должи милиони евра ем ги уценува да потпишуваат договори без утврдени рокови за исплата. А тие, исплашени да не останат и без таа работа, молчат. Како змија да им го изела јазикот, никој не се осмелува да испушти глас, е не, пак, да го покачи тонот. Очигледно, водени од мотото подобро немање пари од немање работа, тие одбраа да работат без пари. Навистина, државата и натаму е најдобриот и најсигурен инвеститор. Оти кога-тогаш фирмите ќе си ги наплатат парите, со арно или со лошо, односно, по судски пат, сеедно. Но, тој меѓупериод мора некако да се издржи. До кога, ќе видиме.
Јасно е дека во ваква ситуација ќе опстојат само оние најиздржливите. Иако и тие веќе полека почнуваат да тонат. Стиснати меѓу обврските кон своите работници и кон државата, фирмите се' почесто се обраќаат кон банките и одново се задолжуваат со нови и нови кредити. Се' додека не се најдат во ситуација да ја изгубат и онаа малку кондиција што ја имаат, па да не можат веќе да ги отплаќаат ниту кредитите, ниту обврските кон своите добавувачи, ниту, пак, работниците. А, тогаш веќе ќе биде доцна. |