Мислења
Македонското стопанство во депресија
Ден Дончев
Ставрески може помпезно да прогласува дека Македонија излезе од рецесија, но домашното стопанство е во депресија
Во периодот од јануари до септември 2009 година, македонската економија забележи пад во бруто домашното производство (БДП) во три последователни квартали, со што и официјално беше објавено рецесија од Владата на Република Македонија. Пред точно три месеци, Државниот завод за статистика објави дека БДП постигнало раст од 1,2 отсто во последниот квартал од 2009 година споредено со истиот квартал од 2008 година. Министерот за финансии Зоран Ставрески одвај го дочека овој момент за помпезно да и' соопшти на јавноста дека Македонија излезе од рецесија. Анализирајќи ги податоците на БДП за четвртиот квартал од 2009 година, како и движењата во тековната сметка на Република Македонија за тој период, во мојата колумна во овој весник на 31 март 2010, констатирав дека станува збор за статистичка аномалија поради позитивниот ефект врз БДП од движењата во тековната сметка. Статистиката може да покажува дека Република Македонија остварила раст од 1,2 отсто во последните три месеци од 2009 година, а министерот Ставрески може помпезно да прогласува дека Македонија излезе од рецесија, но мојата загриженост во таа колумна беше дека домашното стопанство влегува во депресија!
За големо изненадување на министерот Зоран Ставрески, пред неколку дена Државниот завод за статистика објави дека стапката на раст на БДП за првото тримесечје од 2010 година изнесува минус 0,9 проценти! Следуваа некакви квазиреакции од претставници на Владата за новонастанатата состојба. Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, кој познава економија колку што разбира физика петгодишно дете, даде генијална изјава дека „минусот во бруто домашниот производ бил резултат на особено лошите трендови во првиот месец годинава, но дека состојбите сега биле подобрени“. Вицепремиерот не обелодени кои се точно тие „лоши трендови во првиот месец“, но продолжи да објаснува дека до рецесија немало да дојде и очекувал во вториот квартал да има благ раст.
Генијално! Македонската економија има пад на БДП во четири од последните пет квартали, но не треба да се грижиме, бидејќи Пешевски вели дека нема да дојде до рецесија. Па, нели Ставрески прогласи дека Македонија излегла од рецесија? Ако четвртиот квартал бил толку позитивен за македонската економија, со раст од 1,2 отсто, просто е невозможно состојбите да се влошат толку брзо и до тој степен пак да имаме негативен раст во првото тримесечје од 2010 година. Згора на ова, падот на БДП во првиот квартал од 2010 година е во споредба со првиот квартал од 2009 година, кој исто така имаше пад на БДП споредено со првото треимесечје од 2008. Значи, македонската економија во првите три месеци од оваа година остварила помала вредност од истиот период во претходните две години. Ако постоеле „лоши трендови во првиот месец“ од 2010 година, како што сака да не' убеди Пешевски, тие веќе биле присутни подолго. А, токму таква е ситуацијата. Трендовите што ги пакува Пешевски во временски период од еден месец, всушност, се присутни подолго време.
Трендот беше видлив уште во средината на 2008. Фискалната и монетарната експанзија во 2006, 2007 и 2008 година, резултати на политиката на оваа Влада, која почна да троши како да не постои утре, го дуплираа трговскиот дефицит, направија невиден притисок врз стабилноста на денарот, значајно ги намалија девизните резерви, го намалија вкупното штедење во економијата, ги зголемија каматните стапки и, конечно, го задушија моторот на економијата - приватниот сектор. Затоа имаме пад во БДП во првиот квартал од 2010 година. За голема несреќа на Владата, овој пат нема да можат да го обвинат дежурниот виновник - светската економска криза, бидејќи САД, ЕУ, Кина и речиси сите други развиени економии во светот постигнаа солидни стапки на раст во бруто домашното производство во првото тримесечје од 2010 година. Болна вистина е дека домашната економија и домашните производители продолжуваат да тонат и да страдаат. Дури и во услови кога имаме пад на БДП од 0,9 проценти во првиот квартал, тој ќе беше далеку поголем доколку не беа позитивните ефекти од движењата во тековната сметка врз мерењето на БДП. Како и со БДП од последниот квартал од 2009 година, така и во првото тримесечје движењата во тековната сметка драстично го подобрија БДП, иако овој пат вкупната економија падна за 0,9 проценти.
А еве што покажува тековната сметка. Вкупниот извоз на стоки и услуги на Република Македонија претставува плус за тековната сметка и плус за мерењето на БДП. Во првиот квартал на 2010 година, вкупниот извоз изнесуваше 490 милиони евра, споредено со 400 милиони евра во првиот квартал 2009. Значи, вкупниот извоз се зголемил за 90 милиони евра и имал позитивен ефект од 90 милиони евра врз мерењето на стапката на раст на БДП во првиот квартал од 2010, споредено со БДП во првиот квартал од 2009 година.
Вкупниот увоз на стоки и услуги на Република Македонија претставува минус за тековната сметка и минус за мерењето на БДП. Во првиот квартал 2010 вкупниот увоз изнесуваше 778 милиони евра, споредено со 846 милиони евра во првиот квартал 2009. Значи, вкупниот увоз се намалил за 68 милиони евра и во овој случај имал позитивен ефект од 68 милиони евра врз мерењето на стапката на раст на БДП во првиот квартал 2010, споредено со БДП во првиот квартал од 2009 година. Исплатените дивиденди и камати од фирми во Република Македонија кон надвор претставуваат минус за тековната сметка и минус за БДП. Во првиот квартал од 2010 година вкупните исплатени дивиденди и камати изнесуваа 42 милиона евра, споредено со 27 милиони евра во првиот квартал 2008 година. Во овој случај, вкупните исплатени камати и дивиденди се зголемиле за 15 милиони евра и имале негативен ефект од 15 милиони евра врз стапката на раст на БДП во четвртиот квартал 2009, споредено со БДП во четвртиот квартал од 2008 година.
Конечно, вкупните трансфери и девизни дознаки претставуваат плус за тековната сметка и плус за мерењето на БДП. Во првиот квартал на 2010 година, вкупните трансфери изнесуваа 259 милиони евра, споредено со само 129 милиони евра во првиот квартал 2009 година. Значи, вкупните девизни дознаки се зголемиле за 129 милиони евра и имале позитивен ефект од 129 милиони евра врз мерењето на стапката на раст на БДП во првиот квартал 2010, споредено со првиот квартал од 2009. Овде мора да се напомене дека, како и во последниот квартал од 2009 година, вкупните дополнителни приливи од 129 милиони евра во првиот квартал од 2010, споредено со првиот квартал од 2009, го зголемиле македонскиот БДП во првиот квартал од 2010 за цели 8,5 проценти! Каде ли ќе бевме без девизните дознаки.
Севкупниот ефект од движењата во тековната сметка во првиот квартал во 2010 година споредено со првиот квартал од 2009 година е зголемување за фантастични 272 милиона евра при мерењето на БДП во првиот квартал од 2010 година споредено со првиот квартал од 2009 година. Според Државниот завод за статистика, вкупниот БДП на Македонија во првиот квартал 2010 година изнесуваше 93,524 милиони денари, што е приближно 1,520 милиони евра. Значи, позитивните движења во тековната сметка придонесле цели 18 проценти растеж на БДП во првиот квартал 2010 година споредено со првиот квартал од 2008. Дури и да го извадиме позитивниот ефект (и секако добар за македонската економија) од зголемениот извоз од 90 милиони евра, останатите движења во тековната сметка од 182 милиона евра придонесле за 12 проценти раст на БДП во првиот квартал на 2010 година, споредено со првиот квартал од 2009 година. Меѓутоа, и покрај овој неверојатен позитивен ефект врз статистичкото мерење на БДП во првиот квартал на 2010 година, вкупната економија падна за 0,9 проценти. Ова несомнено потврдува дека другите домашни сектори и производители од приватниот сектор продолжија да тонат за цели 19 проценти во првиот квартал од 2010 година.
Знам дека вицепремиерот Пешевски тешко ќе ја разбере оваа анализа, но се надевам дека тој ќе има среќа да напишам слична колумна по три месеци, каде што при мерењето на БДП за вториот квартал од 2010, извозот ќе се зголеми, увозот ќе падне и девизните дознаки ќе се зголемат, споредено со вториот квартал од 2009 година. Бидејќи без тоа, ќе мора да прогласи повторен влез во рецесија за македонската економија!
(Авторот е економски аналитичар) |