Во подрум пронајдени два килограми хероин и пиштол
Две пакувања хероин со тежина од 2.020 грама, полицијата пронајде и заплени од домот на М.Р.(72), на улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“ во скопската населба Чаир.
Според МВР, претресот на куќата бил спроведен по налог на истражен судија, а по извршениот детален преглед на домот и на помошните простории, во подрумот, во картонска кутија што била покриена со текстил, бил пронајден хероинот, но и еден пиштол. Запленетата дрога и пиштолот се земени заради натамошно вештачење.
Од МВР потврдуваат дека за М.Р., но и неговите двајца синови: Ш.Р.(44) и М.Р.(43) е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет дроги.
По извршен распит, истражен судија на двајцата браќа им одредил мерка притвор во траење од 30 дена, но со таа разлика што на Ш.Р. мерката му е изречена во негово отсуство, бидејќи тој е недостапен за органите на прогонот. (Љ.С.)
|