Сопственик на локал како „анимир дама“ ангажирал 14- годишно девојче
Сопственикот на локалот „Дани“ се договорил на таткото на девојчето да му исплати 600 евра
Тетовската полиција во соработка со Одделот за организиран криминал- Сектор за трговија со луѓе и шверц на мигранти, по добиено оперативно сознание, расветли случај на трговија со малолетно лице.
Поради постоење основано сомнение дека се сторители на кривично дело трговија со малолетно лице, МВР ги пријави лицата Д.А.(49) од Тетово, инаку сопственик на угостителскиот објект „Дани“ на улицата „145“ и велешанката И.Д.(27).
Од МВР информираат дека, по издадена наредба од истражен судија од тетовскиот Основен суд, бил извршен претрес во угостителскиот објект „Дани“ каде што во заклучена просторија биле пронајдени четири женски лица. Станува збор за С.Д.(22), малолетничката А.Љ.(16) и 14-годишното девојче, инаку сите од Скопје, како и пријавената И.Д., а кои се пронајдени откако просторија била отклучена од сопственикот на локалот.
По преземени активности било констатирано дека на почетокот на овој месец Д.А., со пријавената И.Д. и уште едно лице, дошле во куќата на А.Љ. во Скопје и притоа со нејзиниот татко И.Н. се договориле да му исплатат 600 евра, кој со тие пари требало да ја доизгради куќата. За возврат А.Љ. требало да работи како танчерка и придружничка во локалот, со тоа што нејзината исхрана и сместувањето требало да ги обезбеди сопственикот на „Дани“. Дневницата за девојчето изнесувала 600 денари, а за испиен коктел со гостин и во негова придружба на маса требало да добива по 50 денари. Сепак, додека долгот не биде исплатен, таа не требало да добива паричен надомест, но по одработувањето на договореното , А.Љ. можела да продолжи со работата доколку самата така одлучи.
Откако бил постигнат договор А.Љ. со возилото на Д.А. заминала за Тетово, поточно во угостителскиот објект каде што започнала со работа. Нејзиното работното време од 13 до еден часот по полноќ и за тоа време таа требало да ги придружува гостите на маса, на кои, пак, им било дозволено да ја допираат по градите и телото.
Вакви услови им понудиле и на С.Д. и на 14- годишното девојче. Сега, двете малолетнички се сместени во прифатилиште во Скопје и ним им е назначен старател. Полицијата проверува дали некоја од девојките со ваква дејност се занимавале и во други угостителски објекти на подрачјето на Тетово. (Љ.С.)
|