Нетарифните бариери пречка во соработката
Трговската размена не треба да биде единствен начин на економска соработка меѓу Македонија и Србија. Мора да се интензивира заедничкиот настап на трети пазари и реализирањето заеднички проекти за што реално има огромен потенцијал, беше кажано вчера во Стопанската комора на Македонија каде што презентација одржаа српски компании, производители на земјоделска механизација.
Неадминистративните бариери при увозот и извозот од двете страни и натаму се клучна причина за забавен и скап промет, но, како што посочија бизнисмените, с уште постои и резервираноста во однос на квалитетот и убедувањето дека другите земји можат подобро.
„Проблем се нетарифните бариери. Ниту една од нив досега не е отстранета, а главно се однесуваат на администрирањето при увозот и извозот, издавањето разни согласности, стандарди“, изјави Љубица Нури од Стопанската комора на Македонија.
Минатата година трговскиот дефицит меѓу двете земји достигна повеќе од 160 милиони долари. „Тоа значи дека размената не треба да биде единствен начин на соработка. Веќе сме созреани за заеднички производст��а и за заеднички настапи на трети пазари“, истакна Нури.
Според српските стопанственици, освен унапредување на досегашната соработка, неопходно е и воспоставување нови деловни односи.
„Размената меѓу Македонија и Србија лани беше 875 милиони долари, бројка со која не можеме да бидеме задоволни. Не можеме да бидеме задоволни и поради фактот што имаме многу малку заеднички проекти наспроти реалните можности. Нашите пазари многу добро се познаваат, стопанствата ни се комплементарни и не многу конкурентни, што е услов за зголемување на стоковната размена“, рече Митар Пржута од Стопанската комора на Србија.
Трговијата од двете страни е целосно либерализирана и од овој аспект нема посериозни проблеми освен признавањето на ветеринарните и санитарните уверенија. Тие, пак, како што истакна Пржута, треба да се решаваат на билатерално ниво. Патот кон ЕУ, заклучија бизнисмените, ќе отвори можности за надминување на економските проблеми и за подобрување на животниот стандард. (МИА) |