Кочани ќе има централно греење
Системот „Геотерма“ загрева 18 хектари оранжерии во Кочанско Поле, ги топли училиштата, судот и спортската сала
Иван Бојџиски
ШТИП - Целосен баланс на подземните води со животната средина обезбедува проектот зa еколошка санација и економска рационализација на топлите води во рамките на геотермалниот систем „Геотерма“ во Кочанска Котлина. Востановено е решение за користење на геотермалната енергија со значајни позитивни аспекти врз животната средина. Овој проект, вреден два милиона евра, реализиран е со финансиска донација на владата на Австрија и со поддршка на Општина Кочани и КЈП „Водовод“. Таканаречениот „дублет систем“ во економска експлоатација вчера на пригодна свеченост кај кочанското село Подлог го пуштија австрискиот амбасадор Алојз Краут и градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.
На реинјектирање - враќање на еднаш искористената топла вода во подземните природни базени ќе бидат подложени 350.000 кубни метри геотермална вода. Ќе се супституираат 1.600 тони нафта годишно што се користи за загревање на шест хектари оранжериски комплекс. Така, позитивно ќе се влијае врз животната средина, бидејќи се создава можност за намалување на штетните емисии на гасови и на други штетни материи.
Кочанската Котлина е едно од подрачјата во Македонија што располага со големи резерви на подземни геотермални води. Оваа општина отиде најдалеку, ставајќи го овој природен благодат во развојна функција. Имено, топлите води од системот „Геотерма“ загреваат 18 хектари оранжерии во Кочанско Поле, ги топлат Основниот суд, спортската сала и три училишта. Според градоначалникот Ратко Димитровски, со стратегиските развојни планови на општината се планира топлите води да се стават и во функција на топлификација на градот, да се користат за развој на бањскиот и на рекреативниот туризам, за потребите на откупниот центар „Агроберза“, како и за производство на електрична енергија.
Дублет-системот го става Кочани меѓу ретките општини на Балканот во кои е обезбеден рационален и еколошки безбеден третман на топлите води. Првите истражувања на подземното природно богатство во Кочанско се извршени во 1980 година кога е направен еден бунар. Во последните три години се направени два бунара со капацитет од 300 литри вода во секунда и со средна температура на водата од 75 степени. Водата поседува исклучително поволни хемиски карактеристики.
|