Црногорските министри нема да летаат за џабе
Подгорица - Министрите во кабинетот на црногорскиот премиер Игор Лукшиќ во иднина ќе можат да летаат со авионот на владата на Црна Гора, само доколку за тоа обезбедат пари од буџетот на своите министерства.
Со уредба, на крајот на минатата година е одлучено органите на државната управа да не ги користат услугите на владиниот авион без надомест, а правото на користење на државниот „лир џет 45“ без посебни дозволи и пари на сметка ќе го има премиерот и потпретседателите на владата, како и претседателот на државата и на парламентот.
Доколку потенцијалните патници однапред не гарантираат дека ќе платат од две до 2.500 евра по час летање, како што тврдат во владата, авионот нема да полета од пистата во Голубовци. (МИА) |