Навалица на пензионери во бањите
За седум илјади места за бањско-климатска рекреација за пензионерите досега се пријавиле дури 17.000 лица. Бесплатното бањско лекување предизвикува голем интерес кај пезионерите веќе втора година. Токму поради заокружувањето на овој владин проект за годинава, министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, и директорите на правните лица регистрирани за вршење услуга за бањско-климатско лекување вчера потпишаа договори за соработка. Договори беа потпишани со здравствените установи, природното лекувалиште „Негорски бањи“ АД Негорци од Гевгелија, Друштвото за физикална медицина и специјализирана медицинска рехабилитација „Катлановска Бања“ ДОО Катланово, АД „Дебарски бањи- Цапа“ и ЈЗО Бања Банско „Цар Самуил“ од Струмица.
Пензионерите се пријавуваат, договорите со бањите се потпишани, па сега останува само уште да се изберат пензионерите што една недела ќе ги уживаат благодатите на бањските води. Сепак, оние што лани биле во бања нема да можат да одат и годинава.
„Аплицирањето веќе заврши, откако беш�� отворен јавен повик до сите пензионери за користење на услугата. Досега аплицираа околу 17.000 лица и се очекува комисијата да изврши целосно транспарентно електронско рангирање. Јас лично и цела Влада сме задоволни од проектот што се имплементираше минатата година“, рече Бајрами.
Се планира првата група пензионери да биде испратена на бања околу 20 март. Пакетот опфаќа шест ноќевања, со три оброка дневно и задолжителен контролен медицински преглед пред поаѓање, откако ќе се вратат и во текот на користењето на услугата, доколку има потреба.
Преку овој владин проект, во кој се вклучени пензионери со најниски примања, минатата година осум илјади лица беа во бања. (А.С.) |