Нишикори прави чуда на Ју-Ес опен
Јапонскиот тинејџер во третото коло подобар од четвртиот носител Ферер Кеи Нишикори го изненади четвртиот носител Давид Ферер со 6-4, 6-4, 3-6, 2-6, 7-5 и стана првиот Јапонец што се проби меѓу 16. најдобри на Ју-Ес опен по повеќе од 70 години. Шпанецот Ферер, кој минатата година беше полуфиналист, се врати по 0:2 во сетови, но 126. на АТП-листата ги сочува нервите и ја прослави својата нова чудесна победа по три часа и 32 минути игра.
„Во моментов сум многу среќен. Тоа е единственото нешто што можам да го кажам“, изјави исцрпениот Нишикори. „Навистина сум уморен. Ме болат глуждот, нозете и грбот. Се' ме боли“.
Осумнаесетгодишната тениска сензација дополни дека имал проблеми да се врати во мечот по третиот сет, кога почна падот во неговата игра.
„Тој почна да игра извонредно во третиот и во четвртиот сет, а јас бев изморен и одвај ги влечев нозете“, изјави Јапонецот. „Се трудев да мислам во стилот ’Играм со Давид, тој е број четири во светот и јас играм пет сета со него‘. Поради тој факт се чувствував среќен и размислував попозитивно. Мислам дека токму поради тоа успеав да издржам“.
Покрај тоа што е првиот Јапонец во осминафиналето на Флешинг медоуз во машка конкуренција по 1937 година, Нишикори воедно е и најмладиот што се пробил до четвртото коло по Русинот Марат Сафин во 1998. Ако во следната рунда го елиминира и 17. носител Хуан Мартин дел Потро, Нишикори ќе се израмни со Шузо Мацуока, кој стигна до четврт-финалето на Вимблдон 1995 и е единствениот Јапонец што се нашол меѓу најдобрите осуммина на гренд-слем.
„Не размислувам за пишувањето на историјата, но знам дека Шузо беше четврт-финалист во Вимблдон. Многу сум горд на тоа“, изјави Нишикори.
Ферер од своја страна прокоментира дека бил победен на фер начин.
„Нишикори е многу добар играч, млад и со многу добар сервис“, рече тој. „Направив многу грешки со мојот форхенд, но бев многу борбен. Нишикори беше подобар“.
Резултати од третото коло, мажи: Фиш (САД) - Блејк (9., САД) 6-3, 6-3, 7-6 (4); Нишикори (Јапонија) - Ферер (4., Шпанија) 6-4, 6-4, 3-6, 2-6, 7-5; Дел Потро (17., Аргентина) - Симон (16., Франција) 6-4, 6-7 (4), 6-1, 3-6, 6-3; Монфил (32., Белгија) - Налбандијан (7., Аргентина) 6-3, 6-4, 6-2; Мареј (6., В. Британија) - Мелцер (Австрија) 6-7 (5), 4-6, 7-6 (5), 6-1, 6-3; Вавринка (10., Швајцарија) - Чипола (Италија) 5-7, 6-7 (4), 6-4, 6-0, 6-4; Надал (1., Шпанија) - Троицки (Србија) 6-4, 6-3, 6-0; Квери (САД) - Карловиќ (14., Хрватска) 7-6 (5), 7-6 (5), 6-2.
Жени, трето коло: Бремон (Франција) - Гарбин (Италија) 7-5, 3-6, 6-4; Сафина (6., Русија) - Бачински (Швајцарија) 3-6, 7-5, 6-2; Гренефелд (Германија) - Корне (17., Франција) 6-4, 7-5; Пенета (16., Италија) - Петрова (19., Русија) 4-6, 6-4, 6-3; С. Вилијамс (4., САД) - Сугијама (30., Јапонија) 6-2, 6-1; Морезмо (32., Франција) - Коан (Франција) 6-4, 6-4; В. Вилијамс (7., САД) - Бондаренко (27., Украина) 6-2, 6-1; Радванска (9., Полска) - Цибулкова (18., Словачка) 6-0, 6-3.
|