Брoj 2776  понеделник, 01 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Мислења

Мацо моја, таго моја

Агим Јонуз

Каде е реалната убава иднина на Македонија? Во структурите кои заедничко оро значат. Ние сакаме, ама не знаеме да го играме орото

Македонијо... (во понатамошниот текст Мацо, од милост.) Седам навечер во зеленилото на мојот двор и те мислам. За карање. А, ми те карам затоа што те сакам, тврдам, а ти сакаш верувај, сакаш не. Во спротивно, би ми било сеедно, би си пиел кафе и би пишувал нешто друго, како на пример за глобалното затоплување и врската со сушењето на тревата во паркот во Чаир.

Мацо, не те сакам затоа што морам, туку затоа што си ми судбина, пишана си ми, затоа што син ми расте под твоето сонце. Те карам, Мацо, затоа што секој ден гледам како нешто не ми ти оди, секој ден нешто се случува што ми те резили, а една тебе те имаме, Мацо моја.

Си размислила ли, Мацо, дека е жив резил што толку јавно се караат претседателот и премиерот исто како Том и Џери во време кога душмани ми ти гледаат сеир и се сладат на неединството во пресудни историски моменти. Додуша, тоа ми ти е исконски имиџ, ама, дај бре Мацо разбуди се, па 21 век е. Важат поинакви правила на игра и дуваат сосема поинакви ветришта. Мацо, ова е време на комуникациска револуција во кое Интернетот не' спојува и раздвојува само со притискање едно копче на тастатурата. Сум гледал многу држави кои имаат иста или слична судбина како твојата ама, Мацо, тие некако ми изгледаат многу покомпактни, поединствени, силни во својот настап. Очи ќе ти ископаат ако им кажеш нешто лошо за државата, па макар им била најгнила.



Македонијо, Мацо, во одделни моменти ми изгледаш како дама која гледа одвисоко, а не гледа дека и' пукнале најлон-чорапите по шевот. Мацо, ме чуди како можеш да си дозволиш во вакви сериозни моменти душманите да ти наоѓаат „дупки во одбраната“ додека го играш финалниот натпревар за името, со судии кои прават иле, со аждери во публиката кои најрадо би те проголтале да не постоиш. Мацо моја, сум ти рекол стопати дека не мора секогаш да знаеш и умееш се', доволно е да следиш што прават други. Да се дружиш со поумни и поспособни, па да украдеш нешто, да копираш, кога веќе сама не знаеш како. Знаеш и самата дека кога едно дете тргнува на училиште, мајката го испраќа со зборовите: слушај ја учителката, повторувај по неа и биди активен.



Мацо моја, и додека лудиот и збунетиот (сеедно е кој е кој) си го прават тоа што си го прават, твојот демос, Мацо моја, од денес - 1 септември влегува во мелницата наречена школска година, книги, барем едно ново парче облека за децата, па зимници чекаат, па постудени денови, па поскапувања, па неплатени летни сметки напластени на старите, оти се одело барем ден-два на одмор, па... Влегуваш ли, Мацо, полека во еден жежок период во кој сакале-нејќеле с��рујата мора да поскапи. Колку реално нови работни места отвори твојот естаблишмент, Мацо? Колку нови фабрики, индустрија придвижи? Колку реално живееме подобро од вчера, Мацо? За да не ме караат твоите убавци од зградата крај Вардар, не ги обвинувам нив, туку нашиот инертен акал општонароден, кој ниту по скоро осумнаесет години не не' втера во ред да размислуваме правопропорционално. Како? Па, Мацо, сите ние сакаме ти да мислиш прво на нас, па потоа ние на тебе. Не! Обратно треба. За да те мисли државата и да не се грижиш за своето утре, треба прво таа држава да ја направиш коска за да може таа коска да го носи твојот газ! Уште доколку тој твој газ е мрзлив, инертен и ненавикнат на работа, кој ќе го издржи тоа? Признавам, Мацо, еве во име на народот, дека и ние не мислиме доволно на тебе. Остај настрана Албанците, па Албанците! Ниту Македонците не прават ништо за тебе, Мацо! Остави ги популизмот и повиците дека за тебе ќе се направи се'. Но, тоа се прави со работа, љубов, позитивна енергија, соживот, толеранција, труд, ама на сите заедно.



Бог ми е сведок дека дека деновиве среќавам многу луѓе кои некако не гледаат баш розово на иднината. Не знам како да го опишам тој синдром на амбиент кој е создаден дека „се' е во најдобар ред“, ама „не ќе е на арно“. Тоа е многу специфичен амбиент во кој секоја радост се убива пред да се зароди, пред да проструи низ вените.

Каде е реалната убава иднина на Македонија? Во структурите кои заедничко оро значат? Како да се фатиме на оро? Ние сакаме, ама не знаеме да го играме орото. Нема друго објаснување. Преку глава ми е веќе да се бавтам со тоа дека не не' бидува. Туку, имаме сериозен проблем во друго нешто. Во Македонија никој никого не го есапи до таа мера што можеби некој и' ќе каже нешто умно и ќе предложи чаре, ама ќе испадне дека лае само како куче на Месечина.

Ех... Мацо, Мацо! Ајде, горе главата, ќе биде подобро! Не е ни ѓаволот толку црн колку што безбели го претставуваат. Имаш ти свои деца, имаш. Познавам јас многу арни луѓе пораснати во твоите прегратки.

(Авторот е аналитичар и колумнист)

[email protected]

 


Статијата е прочитана 1337 пати.

Испрати коментар

Од: iselenik
Датум: 01.09.2008 06:51:23
Vo pravo so Agime, deka poznavas mmnogu umni ljugje koi izrasnale na toa sonce, no za golema zal za drzavata tie si otidova nadvor, za da se krizat za sebesi i svoeto semejstvo. Drzavata nisto nenapravi da tie ostanat tamu. Site sto zaminava vo poslednite 15 god, se se sami mladi i skoluvani ljugje, tie nebegaat od ognisteto i od svoite familii, tie pobegnava od vlasta i drzavata koja gledase i gleda samo za sebe. Oroto go naucile od ranoto detstvo no nesakaat da go igraat bidejki e kolektivna igra, sakaat sami da si bidat.. Sonceto pak ke sveti no prasanje e za kogo????
Од: ЗССС - Скопје
Датум: 01.09.2008 08:12:44
Одличен текст! Браво мајсторе! Нема што друго да с�� каже.
Од: Saso
Датум: 01.09.2008 08:41:55
Abe Maco, pretpostavuvav deka ke se fatis za strujata koja "treba da poskapi". Koj ne znae deka zemas plata od EVN mozebi i ke ti poveruva. Batali gi licnite interesi vo kolumnata, toe e neprofesionalnost i licemerie. A ako bas sakas i okolu strujata - taa treba da poskapi, ama ne za distribucijata, tuku za proizvodstvoto.
Од: pogled
Датум: 01.09.2008 09:04:11
1. Еден прекар на Република Македонија веќе и е даден, од други и без нејзина желба т.е. ФИРОМ. Еве ти сега уште еден. 2. Така ли е Јони?
Од: Горан И
Датум: 01.09.2008 11:51:01
Еј, па покажи малку повеќе почит кон сопствената земја. Ова е не вкусно ... не завлегувам во текстот
Од: maja
Датум: 01.09.2008 11:53:10
одличен текст.
Од: AGIM JONUZ
Датум: 01.09.2008 13:59:48
Pocituvani citateli,...kako avtor na kolumnata dlaboko se i izvinuvam na javnosta dokolku nekoj smeta deka obrakjanjeto so "maco" e nevkusno. Molam da mi se prosti, no,.. podvlekuvam deka zborot "maco" vo skopskiot sleng se upotrebuva za nesto sto ti e najmilo,... najdrago,... nesto svoe sto se cuvstvuva vo pozitivna konotacija. Sepak,... eve se izvinuvam! So pocit, AGIM JONUZ

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Зденко
Ред искуство, ред шминка
Тежок инцидент по мечот Вардар - Ренова
Имаме визија за обнова на ПДП
Њу Орлеанс панично се евакуира пред налетот на „Густав“
Нов фронт меѓу Костовски и Владата
ДПА и ДУИ се за признавање на независно Косово
Груевски да пресече
Грција како алиби
Нишикори прави чуда на Ју-Ес опен
Неделава ќе се знае зошто падна „цесната“ кај Охрид
Новата учебна година почнува без професори и учебници по веронаука
Вербатим
Мекејн ја избра анонимната Сара Пeјлин за потпретседател
Карикатура

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.