Десет години затвор за убиството во Нераште
Сабри Бајрами (44) во октомври годинава го уби соседот Кабил Муртезани поради расправија за кравите
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Сабри Бајрами (44) од тетовското село Нераште е осуден на десет години затвор поради убиство на својот сосед Кабил Муртезани во октомври годинава поради расправија околу напасувањето на кравите. Ваквата одлука ја донесе вчера Основниот суд во Тетово. Бајрами е сторител на три кривични дела убиство во обид со умисла и недозволено држење оружје и муниција. Освен тоа, задолжен е на име кривичен паушал и надомест на трошоци за кривичната постапка да плати 49.540 денари. Со пресудата му се одзема пиштол со една рамка и вкупно 25 куршуми калибар 6,35 мм. Тоа е одлуката што ја донесе Кривичниот совет со кој претседаваше судијата Назиф Илјази.
За време на судскиот претрес, осудениот беше стражарно приведуван од затворот во Тетово каде што се наоѓа од 17 октомври 2008 година. Тој ден Бајрами ги извршил кривичните дела во месноста Тумница, атар на селото Нераште, пукајќи во двајцата браќа-близнаци и во соселаните. Околу 14,30 часот во нива, сопственост на браќата Кабил и Хабил Муртезани (37), осудениот ги напасувал своите крави. Тоа било причина да дојде до меѓусебна вербална расправија, која завршила со тепачка. Револтиран од настанот, во еден момент Бајрами отишол дома, зел пиштол марка „црвена застава“ со вкупно 31 куршум, што бесправно ги поседувал, се вратил на ливадата каде што ги напасувал кравите и испукал два куршума во воздух.
Потоа, пукал кон Хабил, нанесувајќи му повреда во десната нога. Неговиот брат Кабил притрчал да му укаже помош и да спречи натамошно пукање. Тоа било кобно по него, зашто Сабри Бајрами продолжил да пука и во правец на Кабил. Пет куршуми завршиле во главата, градниот кош и во стомакот. Кабил се здобил со смртоносни повреди од кои починал на самото место. По убиството, Сабри Бајрами, под влијание на угледни селани на Нераште, сам се пријавил во полициската станица во Јегуновце. Потоа со решение на истражен судија е задржан во притвор, кој му се продолжи до правосилноста на пресудата. За време на судскиот претрес, Хабил Муртезани поведе и отштетно побарување во вид на материјална и нематеријална штета за шт�� Кривичниот совет го упати на посебна граѓанска парница. |