Суспендиран велешкиот судија Валентин Зафиров
ВЕЛЕС - Валентин Зафиров повеќе не е судија во Основниот суд во Велес. Републичкиот судски совет на 1 јануари годинава го суспендирал од работното место. Иако го добил решението, Зафиров вели дека не го разбрал објаснувањето оти било нејасно, причините за одговорност не биле наведени и дека се' уште не знае кој се пожалил на неговата работа. ,,Еден ден пред да разберам дека ми го нема предметот за убиството во Ореше, имам информација дека претседателот на Судскиот совет бил во канцеларијата на претседателот на велешкиот суд Шефшет Адеми и на разговор биле повикани заменик-јавниот обвинител кој постапуваше по предметот и обвинителот на Велес. Биле повикани и била барана моја грешка, но колку што знам, Обвинителството не нашло грешка во постапката“, вели Зафиров.
Судијата објаснува дека предметот го завршил на 5 декември минатата година, а тоа што се' уште нема обвинение според него е вина на тие што му го зеле. Вели дека решавајќи го предметот, се водел единствено од законот кој пропишува неразвлекување на постапката и законските измени воведени од 1 јули. Суспендираниот судија се сомнева во неинформираноста на колегите и, според него, тоа можеби е и причината зошто му е одземен предметот.
,,Останувам на тврдењето дека предметот ми е одземен противправно и противзаконито е мешањето на други органи во истрагата, особено мешањето на Обвинителството. Предмет во кој станува збор за притвор не смее да заврши ниту кај претседателот, ниту кај премиерот на државата, ниту во РСС“, додаде Зафиров.
Велешкиот судија е суспендиран откога пред дваесетина дена од велешкиот суд го снема предметот за кој тој одлучуваше, а се однесуваше на платените убијци на старецот од велешкото село Ореше. Судијата Зафиров тогаш се посомнева дека во кражбата учествувале претседателот на велешкиот суд Адеми и претседателот на Судскиот совет, Бекир Исеини. По ова, РСС ќе одлучува дали тој ќе биде разрешен од функцијата иако, како што вели тој, се' уште не знае каде е неговата одговорност. (С.Ќ.Н.) |