Уапсен убиец од Охрид по 12 години бегство во Холандија
Ведат Малики (44) е осуден на 15 години затвор за убиство на сопругата во Охрид
ОХРИД – По дванаесет години поминати во бегство во Холандија, полицијата деновиве го уапси четириесет и четиригодишниот Ведат Малики, кој во 1996 година е осуден за убиство на неговата сопруга во Охрид. Бегалецот, кој бил осуден на петнаесет години затвор во отсуство, е фатен за новогодишните празници, кога со холандски пасош регуларно ја поминал границата и дошол во Македонија. По приведувањето од страна на охридската полиција, е предаден во Истражниот затвор во Скопје.
Според портпаролот на СВР-Охрид Стефан Димоски, убиецот цели 12 години престојувал во Холандија, поради што и не бил достапен на полициските и правосудните органи. Бегалецот, како што беше соопштено на вчерашната прес-конференција во СВР-Охрид, во Македонија влегол на 25 декември во 11,30 часот, на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје со важечка холандска виза. Охридската полиција, по сознанијата што ги добија, на Нова година го лоцирала бегалецот во Охрид и го привела. Портпаролот на охридската полиција вели дека приведениот не давал отпор при полициската акција.
Инаку, Малики бил осуден во отсуство на 15 години затвор поради убиство на својата сопруга, 30-годишната Холанѓанка Силвија Порсиус-Малики. Убиството се случило на 4 август 1996 година, околу 9,30 часот кога во близината на селото Подмолје со остар предмет ја усмртил сопругата. По свирепиот чин, на засега непознат премин убиецот ја напуштил Македонија и пребегал во Холандија, каде што престојувал долго време. Поради недостапност, македонските органи по него трагале цели 12 години. На него од Основниот суд во Охрид од 7 јули минатата година му е продолжена мерката притвор одредена во 1996 година, кога во отсуство му била изречена казна. Малики по притворот од 30 дена треба да почне да ја издржува затворската казна. Неговата одбрана по апсењето се' уште нема најавено дали ќе бара повторување на судскиот процес зашто е чудно како тој се осмелил покрај правосилна пресуда легално да се врати во Македонија. (С.И.) |