Граѓаните со душа ги чекаат субвенциите за стан
Половина од ратата за кредит за купување стан или половина учество за заем што ги вети ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните бараат да се реализира што побрзо
Соња Маџовска Сања Наумовска
Граѓаните ги чекаат субвенциите за купување стан на кредит, бараат оваа мерка што ја вети ВМРО-ДПМНЕ пред изборите колку што е можно побрзо да се реализира. Банкарите се убедени дека државната помош при купување стан или куќа ќе предизвика огромен интерес, но велат дека претходно треба детално да се договорат условите. Градежните компании, пак, очекуваат исто како и за граѓаните од државата субвенции за да можат да понудат поевтин квадрат до 900 евра.
Кредитот за стан е убедливо најстрашен, велат граѓаните. Сепак, и покрај стресот, 90 отсто од становите се купуваат на кредит. Тој се отплаќа со години, и сумата што и се враќа на банката е двојно поголема од онаа што ја позајмиле. „Четири години сум во брак и живеам под кирија. Доколку се оствари ветувањето на Владата, веднаш ќе аплицирам за ваков станбен кредит, бидејќи досега немавме можност да обезбедиме доволно средства. Мојата и платата на сопругот не стасуваа за отплаќање станбен кредит, според ратата што ни ја пресметуваа банките со високите камати. Се надевам дека оваа мерка брзо ќе профункционира и дека услов за да се добие ваква можност нема да биде партиската книшка“, вели една скопјанка, која со сопругот и со двегодишното дете живеат во стан од 47 квадратни метри, за кој плаќаат месечно кирија по 150 евра.
ВМРО-ДПМНЕ во „Манифестот“ вети, а лидерот на партијата Никола Груевски веќе најави дека од крајот на годината на граѓаните ќе им плаќаат по половина рата од кредитот за стан, или половина од учеството за заемот. Ќе се субвенционира половина од месечната рата за период од 5 години за кредити со максимален износ до 50.000 евра. Кредитот може да биде наменет за изградба или за купување куќа, или за стан.
Продажната цена со пресметан ДДВ не смее да надминува 900 евра за квадратен метар. Каматата на кредитот во првите 3 години не смее да биде поголема од 4,99 отсто годишно. Според овие најави, ако се направи груба пресметка, за кредит од 50.000 евра може да се купи стан од 55 квадратни метри, под услов квадрат да чини 900 евра.
Ако отплатата е на 30 години, месечната рата ќе изнесува 268 евра, од кои 134 евра ќе ги плаќа државата во првите пет години. Во втората опција наместо отплатата на ратата, државата ќе даде половина, или 25.000 евра како учество за кредит во изградба или купување стан или куќа.
Главниот проблем е што моментно банките не нудат станбени кредити со толку ниска каматна стапка, сепак, тие велат дека оваа идеја треба детално да се подготви за да биде прифатлива и за нив и за граѓаните.
„Како идеја, владиното субвенционирање на станбени кредити за население или за компании се применува во голем број земји во светот и во регионот за задоволство на клиентите. При одбирање на моделот за субвенциите, потребно е да се оцени колку тоа ќе влијае врз забрзувањето на економскиот раст на државата и како тоа ефективно да се реализира. Конкретниот начин на субвенционирање во Македонија треба детално да се анализира и да се договори меѓу банките и Владата, и да се подготви понуда што ќе биде прифатлива за сите инволвирани страни“, објаснуваат од Стопанска банка.
Според градежниците, продажна цена од 900 евра за квадратен метар за новоградба во Скопје не може да се постигне без помош од државата. За да се постигне цената под 900 евра за квадрат, а да се задржат сите норми за квалитетна изведба на објектот, државата мора да субвенционира, на пример, со учество во делот при купувањето на државното градежно земјиште, велат инвеститорите.
Градежните фирми моментно не се подготвени да ги намалуваат цените на становите, особено во главниот град. Најголема пречка на која посочуваат е високата цена по која го откупуваат градежното земјиште, која со голем процент учествува во трошокот со изградбата на зградата.
„Многу зависи дали земјата ќе се откупи за едно, десет или двесте евра за квадрат. Тоа во најголем процент ќе ја одреди и цената по која ќе се продаваат становите“, велат во „Адора инженеринг“.
Намалувањето на цената на квадартот, особено во Скопје, секако ќе го зголеми интересот на граѓаните за купување нови станови, за разлика отсега, кога понудата е многу поголема од побарувачката, велат во градежните компании. Еден квадрат во нов стан во Скопје чини од 950 до 1.500 евра.
На цена се и енергетски ефикасните згради во кои се вградуваат нови еколошки технологии што ја искористуваат сончевата и геотермалната енергија. Нивната цена, велат инвеститорите, во никој случај не може да се спушти толку ниско, бидејќи кај нас државата не нуди никакви поволности за фирмите што инвестираат во енергетската ефикасност. „Граѓаните се свесни дека за неколку години ќе им се исплати тоа што квадратот го платиле поскапо, на сметка на тоа што секој месец прават заштеда на 20 до 30 проценти од енергијата. Сепак, од друга страна, пак, ако сакаат да купат ваков стан, нема да можат да ги искористат поволностите околу отплатата на кредитите што сега ги најавува Владата, велат градежниците.
Малку поевтин стан, од 1.200 до 1.300 евра за квадрат може да се купи во Дебар Маало, Центар и во Црниче. Од 950 до 1.000 евра, пак, чини стан во Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров и во Ново Лисиче. Квадратен метар во Охрид се продава од 1.000 до 1.200 евра. Пониски се цените во Струмица, од 700 до 750 евра за квадратен метар. (С.М. - С.Н.)
Стан на кредит според сегашните банкарски услови
60 квадратни метри 1.000 евра квадратен метар
цена 60.000 евра
учество 20.000 евра
кредит 40.000 евра
камата правата година 6,25 отсто,
останатите променлива 7,43 отсто
месечна рата во првата година 246 евра
месечна рата останатите години 272 евра
отплата 30 години 99.420 евра
Кредит плус учество 119.000 евра
Кредит со субвенции од државата
55 квадратни метри 900 евра квадратен метар
цена 50.000 евра
кредит 50.000 евра
месечна рата 268 евра
Државата треба да даде 25.000 евра за учество или ќе плаќа 134 евра од месечната рата во првите 5 години |