Соренсен останува до септември?
Евроамбасадорот Питер Соренсен ќе си замине од Македонија најрано во септември. Според неофицијални дипломатски извори, во Брисел се' уште не е отворен конкурс за избор на нов амбасадор на ЕУ во Македонија. Според досегашната практика и процедурите, повикот трае најмалку еден месец, по што се прави избор од пријавените кандидати. „Засега нема такво нешто, плус Брисел колективно оди на одмор во август, што значи дека ако утре се отвори конкурс, септември е најрано кога може да стигне смената на Соренсен“, велат нашите извори. Сепак, тие оставаат простор високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија, Кетрин Ештон, да го употреби своето дискреционо право и лично да именува наследник на Соренсен, како што направи со неговото именување за амбасадор во Босна и Херцеговина на крајот од мај. Соренсен ја презеде функцијата амбасадор во Македонија на 1 март. (Н.Р.) |