Скапиот зеленчук ги изгоре граѓаните

Причини за тоа се намалените приноси, извозот во соседството, но и дивите прекупци
Нина Нинеска-Фиданоска
Граѓаните, особено оние од Скопје, како никогаш досега во ова време од годината јадат скап зеленчук. Цените на доматите, краставиците и на пиперките се превисоки речиси на сите зелени пазари, во големите маркети, но и во локалните гранапи. Ако пред неколкуте верски празници купувачите се тешеа дека цените се само надуени поради големата потрошувачка што е вообичаена во такви периоди, сега веќе нема некоја таква причина за цените и натаму да не се намалуваат.
Па, така, на зелените пазари и во маркетите во Скопје доматите изминатиов викенд достигнуваа и до 75 денари, краставиците 55 денари, а пиперките од 85 до 90 денари за килограм.
Навистина, цените вчера малку беа намалени, па на Зелениот пазар во Скопје доматите се продаваа по 60 или 50 денари, а краставиците по 40 денари за килограм. Ова, сепак, дава надеж дека следниве денови можеби ќе паднат високите цени.
Доколку добро не служи сеќавањето, во текот на минатите години во овој период, односно на крајот на мај или почетокот на јуни, доматите можеа да се набават за 40 денари, а краставиците за 20-30 денари за килограм.
Сегашните цени особено тешко им паѓаат на граѓаните со ниски примања, какви што има се' повеќе во земјава, кои токму во достапниот зеленчук на пазарите гледаа единствена надеж за поевтино преживување, со оглед на тоа што се скапи речиси сите други прехранбени производи.
Што се случи годинава зошто македонските потрошувачи не можат да се израдуваат на нормални цени на зеленчукот? Земјоделците веднаш велат дека за се' се виновни трговците, кои им ги земаат производите речиси за бадијала, а потоа ги зголемуваат маржите и на граѓаните им ги продаваат по двојно повисоки цени. Сепак, како една од причините ги наведуваат и малите количества што ги произвеле и набрале, пред се', поради климатските услови. Трговците, пак, од себе ја отфрлаат одговорноста за високите цени кај крајните потрошувачи, туку целосната вина за тоа ја префрлаат на дивите прекупувачи, но и на државата.
„Ние, практично, работиме за трговците. Поточно, тие добро знаат зошто работат, но ние, земјоделците, не знаеме зошто работиме“, вели Ристо Велков, земјоделец од Струмичко и претседател на Здружението на земјоделски производители „Агросојуз“. Според него, на кванташкиот пазар во Струмица деновиве доматите се продавале од 30 до 35 денари за килограм, а краставиците од 20 до 25 денари. На прашањето зошто крајните потрошувачи ги купуваат доматите по 60 денари, тој одговара: „Се' оди во џебот на трговците. Од нас купуваат евтино, а потоа продаваат двојно поскапо. Тие ги држат пазарите и се договараат за цените“, објаснува Велков. Според него, намалени се и произведените количества поради климатските фактори. „Нема соодветни сорти што ќе одговорат на овие климатски услови“, потенцира овој производител. Сепак, иако скромно, земјоделците признаваат дека дел од овие производи се извозуваат. „Не знам за доматите, но значајни количества краставици сигурно отидоа за Бугарија“, нагласува Велков.
Но, трговците веднаш возвраќаат дека не тие, туку дивите прекупувачи го прават целиот хаос. Коле Мицев, сопственик на откупен пункт во Струмица, вели дека цена од 35 денари за доматите е добра и за производителите и за легалните трговци. „Но, проблем се дивите купувачи што доаѓаат со комбиња во Струмица и купуваат домати по 35 денари, потоа за 50 денари им ги продаваат на сопствениците на тезги, а овие, пак, додаваат и своја маржа и така цената достигнува до 60 денари. Тука е грешката на државата, зашто нема контроли што треба да ги пресретнуваат овие диви трговци по патиштата и да ги отстрануваат“, објаснува Мицев.
Во општина Струмица како главен регион што живее од овие култури велат дека една од причините за високите цени е што доматите во одреден период од годинава биле нападнати од болести, па имало помали приноси, бидејќи бил уништен дел од производството. „Втората причина е недостигот од такви производи во околните земји, кои имаа лоша зима и пролет, поплави, па се зголеми побарувачката во тие земји, а со тоа и цените. Но, и трговците на големо и мало ставаат преголеми маржи“, вели Зоран Горгиев, раководител на Секторот за локален економски развој во општина Струмица.
Граѓаните револтирано коментираат дека сега кога им оди добро земјоделците молчат, а само малку да им закочи пласманот, веднаш ќе почнат да лелекаат дека производите им скапуваат на нивите, а тие немаат како да се прехранат. Дали се оправдани таквите реакции?
„Оправдани се. Ако ја гледате цената од 35 денари за доматите, треба да се знае дека од тие средства земјоделецот треба да ги покрие трошоците за семе, за репроматеријали... Сега е старт на сезоната, но ако на крајот на јуни доматите паднат под 20 или дојдат до 15 денари, тогаш земјоделците ќе имаат загуби и би бил оправдан нивниот револт. Но, ако цената биде 30 денари, тие ќе бидат задоволни“, објаснува Горгиев. |