Број 3295  вторник, 01 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Кина ги јаде нашите текстилни фабрики

Лани кризата остави без работа 3.000 текстилци, а веројатно е дека и годинава ќе има нови отпуштања

Маја Томиќ

Намален извоз, помалку работа и договорени нарачки за наредната година и натамошно намалување на бројот на вработените. Такви се состојбите и перспективите на македонската текстилна индустрија, која вработува 40.000 лица, а за која кризата како уште да трае. Ситуацијата секојдневно станува се' подраматична, алармираат фирмите, ако се има предвид дека странскиот капитал поинтензивно се сели на азиските пазари поради значително пониската цена на работната рака и ниските давачки. Со цел да се задржат партнерите на пазарот, домашните текстилци почнаа да ги прифаќаат странските нарачки по пониски цени за лон-услугите, што ќе се одрази неповолно врз нивната финансиска состојба.

„Трендот е почнат и незапирливо расте. Ако лани имавме пад на извозот поради економската криза, сега тој пад е уште поголем поради селењето на капиталот во други земји, каде што трошоците се значително помали, месечната плата е меѓу 15 и 20 долари, а истовремено понудата на работна сила е огромна. Една фабрика во Кина, на пример, вработува над 4.000 лица. Македонската текстилна индустрија не може да издржи ваква конкуренција, во која учеството на репроматеријали во цената на производот е 60-70 отсто“, посочи на вчерашната прес-конференција во Стопанската комора, Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилци и директор на „Мода“ од Свети Николе.

Сепак, според него, Македонија засега е во предност и е во поповолна положба од источните конкурентски земји, затоа што е поблиску до европските пазари, што овозможува поедноставен и побрз транспорт на репроматеријалите и на текстилните производи. Освен тоа, за наша среќа, како што вели Димитров, квалитетот на текстилот што се произведува на азиските пазари е многу полош од македонскиот, поради што партнерите засега се воздржуваат од откажување на соработката.

„Прашање на време е до кога ќе трае ваквата ситуација“, вели Димитров и додава дека ланската криза остави без работа околу 3.000 текстилци, а многу веројатно дека и годинава ќе има нови отпуштања. Состојбите би се смениле на подобро, но за околу пет-десет години, предвидува Димитров. Пред се', треба да се создадат услови самите домашни фирми да ги увезуваат репроматеријалите и потоа веднаш да почне да се градат сопствени брендови, односно да се направи преориентација на производството, од лон во класичен извоз. Во тоа, покрај бизнис-заедницата, треба да дадат свој придонес и сите надлежни во државата. Секако, тоа важи и за банките што можат да помогнат финансиски, но со пониски каматни стапки, бидејќи станува збор за огромни средства кои фирмите не би можеле сами да ги обезбедат за преструктурирање на производството.

Здружението на текстилци при Стопанската комора подготви нови предлози до Владата за подобрување на с��стојбите. За разлика од ланските негативни исходи во преговорите со неа, на средбата што е закажана за овој петок во Министерството за економија, текстилците се надеваат на позитивен исход.

Ќе се бара намалување на парафискалните даноци, како и растоварување на давачките за придонеси од плата, кои со воведувањето на брутото и со зголемувањето на основицата, зафаќаат 34 отсто од нето-платата. Слично барање имаше и лани, кога од Владата се бараа по 30 евра за вработен како субвенција за придонесите, но тоа не беше прифатено. Текстилците се и за целосно укинување на банкарската гаранција за фирмите што ангажираат најмалку 80 отсто од капацитетите за лон-доработки, во период од најмалку две години, како и мерки против сивата економија во дејноста и нова политика на рамномерен регионален развој на оваа индустрија.

Според статистиката, вкупниот извоз на текстилната индустрија во првиот квартал од годинава изнесува 152,4 милиони долари, што е за 5 отсто помалку од истиот период лани. Учеството на извозот на текстилните производи во вкупниот извоз се намалува од година во година. Од 30,9 отсто во 1998 година на 23,2 отсто минатата година. Најголем пад на производството лани имало кај ткаенините за 33 отсто и кај облеката за 12 отсто, во споредба со 2008 година. Од вкупниот број вработени во државата околу 9-10 отсто отпаѓа на вработените во текстилната дејност.


#
Статијата е прочитана 637 пати.

Испрати коментар

Од: Realist
Датум: 01.06.2010 01:31:19
Toa e trendot i nema nazad! Se povekje kje se gubat rabotni mesta vo labour-intensive sektorite, kako tekstilnata industrija na primer, vo korist na Kina i Indija. Zatoa, spasot e vo ucenje! Povekje ucenje i strplivost, za da ne mora posle da se mislat zosto ne mozat da najdat rabota. I ne studiranje na ekonomsko-pravni fakulteti, tuku nauka i engineering: Ne se gradi industriska drzava sade so ekonomisti i pravnici!
Од: Alien from Space
Датум: 01.06.2010 10:21:10
Постојано размислував кој ли ги осакатува нашите работници!Кој ли не ги пријавува?Кој ли е виновен што поголемиот број работат „на црно“?Кој ли не им исплаќа плати и надоместоци?Кој ли ги уништува нашите фабрики?Зошто текстилците имаат плата помала од 6 илјади (денари,секако),а Газдите на фирмите (фабриките) се „дават“во Џиповите и Палатите?Зошто ли во Пустите многубројни „трговски центри“,низ Скопјево и Македонијава,има простории со замаглени,или офарбани стакла,без наслов на фирмата,а внатре врие,како во кошница?Благодарам што ми помогнавте да го најдам одговорот: Кина е виновна за сè!

Најди! во Утрински
Економија
Ако нема евтин лет од „Александар“, има преку Софија
Скапиот зеленчук ги изгоре граѓаните
„Бовин“ освои златен медал во Лондон
Кој не дава да поевтини зелениот картон?
Лидер за посветеност кон општеството
Германците сакаат да им се врати марката
Европските даночници околу даночниот рај
Следното лето изградбата на автопатиштата
Бугарските милионери најбрзо се збогатиле
Во јуни нов Економско- социјален совет