ПОСЛЕДЕН ЗБОР
Никола Узунов
1930 – 2010, академик
„Она што досега го учевте за марксизмот, за социјализмот и за самоуправувањето, сега ќе го разгледуваме од критичка гледна точка“. Вака, приближно, професорот Никола Узунов ги започнуваше своите предавања по предметот Применета економија пред преполниот амфитеатар на скопскиот Економски факултет. Пред триесетина и повеќе години за студентите по економија тоа беше еден од пресвртните моменти во нивното школување кога на социјалистичките идеали им се даваше и една поинаква нота, низ нивно вреднување и компарирање со други општествени системи и без апологетството присутно во другите предмети. Всушност, предавањата на професорот Узунов не само за студентите, туку и за многумина етаблирани економисти, до денес останаа инспирација кон прашањата во економијата да се пристапи похрабро и без страв дека критичкото опсервирање истовремено значи и негативен однос кон нештата. Можеби таквиот пристап, покрај неспорната стручност, му обезбеди значајно место за прашањата и за проблемите на економскиот развој не само меѓу плејадата врвни македонски умови, туку и во рамките на тогашната југословенска држава и пошироко.
Во неговата биографија е забележано дека е роден на 12 август 1930 година во село Емборе, Егејска Македонија. Основното образование го завршил во Солун, Грција, средното во Скопје, Економски факултет во Загреб, а докторирал на Економскиот факултет во Белград во 1959 година каде што ја одбранил докторската дисертација на тема: „Индустријализацијата на НР Македонија и нејзиниот народен доход“.
Првото вработување му е како асистент на Економскиот факултет во Скопје, каде што подоцна станува редовен професор. Како в��зитинг-професор престојувал на Државниот универзитет во Чико и на Државниот универзитет во Мисури (САД). Професорот Узунов бил декан на Економскиот факултет, а го организирал и го раководел и Одделението за научно-истражувачка работа на факултетот.
За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1979 година. Бил секретар на Одделението за општествени науки при МАНУ во периодот 1992/1999 година. Исто така, бил избран и за претседател на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добитник и на највисоката награда за наука и култура на Р. Македонија – „11 Октомври“ за вонредни придонеси во науката и културата.
Академик Узунов ќе биде погребан в четврток во 12 часот на гробиштата „Бутел” во Скопје. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во „Бутел” од 11 до 12 часот.
Претходно во 9,30 часот Македонската академија на науките и уметностите, заедничка комеморативна седница ќе одржат МАНУ и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. (М.Ј.) |