Косоврасти се спаси од копање
Нема да има испитување на минерални суровини на ридот над селото Косоврасти. По протестот на селаните и поддршката што ја добија од претседателот Ѓорге Иванов, тендерот на Министерството за економија е поништен, а давањето под концесија на локацијата е одложено. Официјално, според владината комисија, засега нема заинтересирана компанија што доставила на тендерот уредна и целосна документација.
Според претседателот Иванов, револтот на жителите на Косоврасти е оправдан. Тој при посетата на селото ги ислуша поплаките на жителите, кои сметаат дека ископувањето во непосредна близина на нивните домови е опасно. Според нив, нема да се уништат само куќите и дворовите што се наоѓаат на само 50 метри од брдото, туку и сета природа во Косоврасти, село познато по еколошки чистата животна средина. „Тука сум по покана на жителите на Косоврасти, кои изразија желба да дојдам на самото место за да ги видам и да ги чујам причините за нивниот револт. Кога се прават такви зафати, треба да се има предвид мислењето на жителите, односно на луѓето чии домови се во близина“, изјави Иванов. (С.Н.) |