За неплатен долг - отиде платата
Многу граѓани остануваат без денар откако извршителите ќе им ја блокираат цела плата наместо една третина
Соња Маџовска
Многу граѓани што имаат неплатени долгови остануваат без денар откако сите средства им се одземаат од сметките во банката, со налог за нивно блокирање. Иако Законот за извршување пропишува дека само една третина од платата или од пензијата смее да биде предмет на блокирање, најчесто се блокира целата сума.
„За долг од пред 20 години, за неплатен персонален данок, сега ми ја блокираа жиро-сметката и не можам да си ја подигнам пензијата“, се жали една скопјанка.
Извршителите велат дека доколку должниците не се кријат и соработуваат со нив и им приложат доказ од каде им се приходите нема да има вакви грешки. Според нив, граѓаните најчесто реагираат кога ќе им се чепне в џеб.
„Извршителите, според законот, не смеат да ја земат цела плата. Налогот за блокада се носи и во банка и се испраќа кај должникот. Ако тој навреме достави потврда за изворот на средства по основа на плата, пензија, во тој случај се става забрана само на една третина од приливот. Но, најчесто должниците прво избегнуваат да си ги платат долговите и не сакаат да комуницираат, па доаѓаат кај нас, откако ќе им се блокираат сметките“, објаснува Весна Деловска, извршител. Според неа, најголемиот број решенија по кои работат за спроведување присилна наплата, доаѓаат од фирмите или дури 75 отсто, 20 отсто се на граѓаните, само од четири до пет отсто се од државата. Деловска објаснува дека и кај фирмите и кај граѓаните најчесто станува збор за неплатени рати од кредит или не покривање на минусните салда на кредитните картички, а сите постапки за присилна наплата доаѓаат по веќе завршени судски постапки. Инаку, законот е ригорозен и на извршителот му се на располагање сите пари на должникот во банка, вклучувајќи ги и штедните влогови. Тоа значи дека на располагање се и орочените штедни влогови, така што кога ќе помине орочениот период и од нив се одземаат пари за наплата на долгот. Додека кај граѓаните постои законско ограничување во делот што може да биде одземен од платата или од пензијата, кај сметките на фирмите нема лимит.
Граѓаните се исплашени дека не само извршителите, туку кога ќе почне и Управата за јавни приходи присилно да наплатува директно од нивните сметки, ќе останат и без плати и без пензии. Сепак, според последната одлука, граѓаните ќе се спасат од присилната наплата од даночниците се' до крајот на овој месец, до кога треба да заврши преземањето на предметите од Државното правобранителство во Управата за јавни приходи. Но, по овој датум нема милост. УЈП ќе симнува средства од сметките на граѓаните и на фирмите за да собере пари поради неплатени казни за недозволено пушење, фрлање ѓубре, плукање и мочање на јавни површини, сообраќајни прекршоци, казна за недозволено минување улица, погрешно паркирање, брзо возење, но и долгови на фирмите кон државата, односно глобите и трошоците изречени во парнични, прекршочни, кривични и управни постапки во корист на држават��.
А дека постојано расте бројот на блокирани сметки потврдуваат и податоците од Народна банка на Македонија, според кои, заклучно со септември бројот на блокирани сметки се искачил на рекордни 80.000, што е двојно повеќе од истиот период лани. |